Кина забрани влез на патници од Велика Британија и Белгија и постави услови за тестирање на посетители од САД, Франција и Германија како одговор на зголемениот број случаи на новозаразени со новиот коронавирус ширум светот.
На 28 септември Кина дозволи влез за сите странци со валидни документи, откако во март воведе ограничувања. Тестовите за коронавирус мора да се направат најдоцна 48 часа пред да влезат на територија на Кина.
Доколку патникот треба транзитно да застане на пат кон Кина, истите тестови мора да се направат и во земјата на транзит или во регионот. Слични барања од 8 ноември се воведени и за патници од земји како Австралија, Сингапур и Јапонија.
Инаку во Кина во последните 24 часа потврдени се 28 нови случаи на коронавирусот, што е зголемување во споредба со претходниот ден кога имаше 17, објави Националната здравствена комисија.
Од вкупниот број нови случаи, 20 биле увезени.
Исто така, има 24 асимптоматски случаи кои не се вклучени во официјалната статистика.
Од почетокот на епидемијата, во Кина се регистрирани 86.115 случаи на коронавирус, а починале 4.634 лица.