Од сабота наутро Грција влегува во целосен, втор карантин во траење од три седмици, а отворени ќе останат градинките, забавиштата и основните училишта. Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис заедно со шефот на Комисијата на епидемиолози во Министерството за здравство на Грција, професорот Сотирис Циодрас, на прес конференција, што е во тек, ги соопштуваат новите мерки за справување со епидемијата.
-Како што знаете донесовме одлука од сабота во 6 часот наутро, откажување активности, кои ќе трае три седмици до 30 ноември, истакна Мицотакис.
Исто како и за време на првиот карантин, движењето за граѓаните ќе биде само за конкретни причини и само со претходно испратена смс порака.
Отворени, освен градинките и основните училиштата, ќе бидат и супермаркетите, аптеките, бензинските станици, а сѐ останато е затворено, средните училишта, универзитетите, продавниците, фризерски салони, фитнес центрите, кафулињата и рестораните итн.
Новиот локдаун доаѓа по драстичното зголемување на бројот на нови случаи на дневно ниво, како и на бројот на пациенти приклучени на апарати и зголемениот притисок врз здравствениот систем.
Мицотакис рече дека во изминатите пет дена има агресивно зголемување на новозаразените, односно како што истакна, „речиси 10.000 случаи за пет дена”, а додаде дека има и големо зголемување на хоспитализираните и на пациентите приклучени на апрати.
-Овој бран треба да го запреме, истакна грчкиот премиер.
Во периодот од 23 март до 4 мај годинава Грција беше во целосен карантин.
По прес конференцијата на Мицотакис и Циодрас, во 15 часот по локално време министерот за финансии на Грција ќе презентира пакет мерки за економска поддршка, додека пак заменик-министерот за цивилна заштита заедно со заменик-министерот за здравство и генералниот секретар за трговија и заштита на потрошувачи ќе го презентираат начинот на имплементација на мерките.