БЕГ одбрал снабдувач со мазут за целата грејна сезона во случај да снема или да не успее да набави гас. Теоретски, ако се оствари најцрното сценарио и БЕГ мора да ги грее скопјани на мазут, тие ќе побараат достава од тендерскиот победник објави ИРЛ. За разлика од гасот, мазутот е голем аерозагадувач. Победник на оваа потенцијално мрсна зделка е фирмата РКМ на поранешниот државен службеник од ВМРО ДПМНЕ и поранешен соработник на Сергеj Самсоненко, Ратко Капушевски.
Во случај да нема од каде да набави гас, скопската топлификација има можност да работи и на алтернативен енергенс. До пред околу една деценија топлификацијата (БЕГ) работеше само на мазут, но поради промената на еколошките стандарди и штетните аеровлијанија, капацитетот ја промени технологијата и се гасифицираше. За разлика од мазутот, гасот не загадува и е поевтин. Новите регулативи им дозволуваат на ваквите капацитети да го употребат алтернативниот енергенс во случај на дефект или прекин на достава на гас. Тоа се случува ретко, па топлификациите обично резервираат мали количества мазут во случај да останат до две недели без дотур на гас.
Но, овојпат БЕГ побарала рамковна спогодба или во превод барала тендерски понуди во висина од 22 милиони евра за набавка на мазут во случај на потреба. Но, БЕГ проектирала потреби за цела грејна сезона, што е во најмала рака чудно. Во теоријата БЕГ може да не нарача ниту литар од овој мазут ако не и треба, но тие веќе одбрале фирма која им гарантира испорака на мазут за целата грејна сезона.