Во рамки на проектот „Спорт за развој – спорт за сите“, кој општина Карпош го спроведува во соработка со здружението „ТАКТ“, денеска започна обновата на реквизитите на спортските игралишта во основното училиште „Аврам Писевски“ во Бардовци. За таа цел беа поставени два нови голови и кош, а исто така беше обележан и теренот, со што се унапредуваат условите за спорт и рекреација на учениците.
Утринава се одржа и тренинг на отворено за најмладите. Тие преку физички активности и спортување, учат како да бидат подобри граѓани и да придонесуваат во заедницата.
Градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев, упати и апел за правилно користење на отворените терени и спортско – рекреативни зони:
-Во ек сме на светска пандемија и ваквиот тип на игралиштасе погодни за физичка активност. Сепак, ги повикувам младите, сите граѓани на зголемена претпазливост при спортување, да се избегнува групирање, да се одржува дистанца и често да се прави дезинфекција, рече Богоев.
Во ова училиште, во изминатиот период целосно се обновија и тоалетите, со што се подобрија хигиенско – санитарните услови. Исто така, направена е нова сензорна соба за потребите на учениците со попреченост.
Магдалена Спасовска, извршна директорка на здружението „ТАКТ“ говореше за текот на проектот „Спорт за развој – спорт за сите“. Таа посочи дека се спроведени повеќе обуки со наставниците по физичко образование, а во текот на следната недела ќе се обнови и игралиштето на училиштето „Димо Хаџи Димов“ во Влае.