Екипата на Лил направи подвиг и со 0-3 стигна до трите бода од тешкото гостување кај Милан во Лигата на Европа, нанесувајќи им го првиот пораз по 24 натпревари во сите конкуренции. Јусуф Јазиџи втор меч во низа во натпреварувањето постигнува хет-трик, ама овој со многу поголема тежина, против далеку посилен противник.
Иако се играше изедначено и Милан беше тим кој ја контролираше играта, а имаше и шанси да поведе преку Ибрахимовиќ и Тео Хернандез, резултатот го отворија гостите. Капитенот Ромањоли направи наивен пенал и му даде шанса на противникот да поведа, а истата ја искористи Јусуф Јазиџи со првата реализација во вечерта за 0-1 во 22. минута.
Второто полувреме започна мирно, ама Милан имаше три кобни минути и во 55. и 58. Лил стигна до уште два гола, пак преку Јазиџи. Вториот во мрежата на Донарума дојде од косо, турскиот интернационалец биеше и топката незгодно се одби и отскокна во мрежата (0-2). Трета реализација за Лил дојде по тимска акција, кога одбраната на Милан беше разретчена, па Јазиџи се најде осамен пред голот на Донарума и лесно реализира. „Росонерите“ се обидоа да вратат колку што можат, ама освен една зрела шанса на Ребиќ, не прикажаа ништо повеќе.
Последен пат „росонерите“ загубија од Џенова на осми март на „Сан Сиро“ со 1-2, а еден од стрелците на тој меч беше Горан Пандев.