Никогаш нема да бидеме задоволни од бројот на персонал во ваква криза. Секогаш се добредојдени плус две раце. Уморни сме, ни требаат дополнителни луѓе, секогаш ќе бидат добредојдени. Недостатокот на медицински кадар како во цел свет така и кај нас и во криза и вонкриза бил проблем. Ние максимално се трудиме, секој еден од нас кој работи во болниците да го дадеме својот максимум независно на која позиција работиме. Од исклучително големо значење е хигиеничарот во нашата клиника, транспортерот и болничарот, медицинските сестри, како и одделенските сестри кои го организираат процесот до секој еден од најмлад до најстар лекар кој го има своја функција во работењето и навистина го дава својот максимум во својата работа, нагласи директорката на Клиниката за инфективни состојби и фибрилни состојби Милена Стевановиќ.
На новинарско прашање во однос на отказите на трите медицински сестри од Инфективната клиника, за кои се пишуваше на социјалните мрежи, Стевановиќ потенцираше оти не гледа зошто е толку вознемирувачка атмосфера ако одредена медицинска сестра замине и продолжи да работи на друго место.
– Во меѓувреме, имавме навистина голем број на медицински сестри кои направија трансфер на Клиниката и се вработија на Клиниката токму сега во ова најтешко време. Колешките имаа време и простор да размислат и да одлучат каде ќе работат како секој еден од нас. Јас сум им многу благодарна на сите кои сериозно време поминаа, кои помагаа и работеа интензивно во болницата додека трае оваа КОВИД-криза и одлучија да го сменат своето работно место. Тоа го направија. Навистина, секој работник има свое работничко право да одлучи кога ќе го прекине работниот однос и каде тој ќе го продолжи, истакна директорката на Инфективна клиника.
Во однос наводите што се пишуваа на социјалните мрежи, дека за одредени пациенти се бара посебен третман, меѓу кои и за претседателот на Собранието Талат Џафери, Стевановиќ истакна дека тоа е апсолутно невистина.
– Посебно пациентот кој е споменуван беше исклучително дисциплиниран пациент кој никогаш ништо повеќе не побарал од она што е нега и третман какви што ги имаат сите останати пациенти. Сметам дека вакви коментари на индивидуалци кои секогаш се можат да напишат на социјалните мрежи е навистина непотребно да се коментираат, рече Стевановиќ.