„Иако во Договорот со Бугарија е наведено дека Бугарија ќе го помага напредувањето на Македонија, сепак блокадата не е помош. Не верувам дека имала некоја држава потежок пат во евроинтеграциите. 15 години се обидувавме да го решиме спорот со Грција, две години методологијата со Париз, сега и Бугарија. Нема потреба од кукање, треба да сме смирени и да ја следиме ситуацијата. И да знаеме што можеме што не можеме. Факт е дека во март го добивме зеленото светло од Брисел за преговорите и. Бугарија учевствуваше во тоа зелено светло, изјави вицепремиерот за евроинтеграции, Никола Димитров, во емисијата „Само интервју“ на телевизија Канал 5 запрашан за денешниот потег на Бугарија со кој практично започнува процесот на вето од оваа соседна држава.
Димитров потсети на позицијата на Европската Унија кон македонскиот јазик, она што сега сака да го оспори Бугарија.
„Европската комисија излезе со тоа дека македонскиот јазик е македонски јазик, дека целото законодавство мораме да го преведеме на македонски јазик. И сега ние немаме избор, ние ќе се соочиме со ова. Не сме изненадени затоа што минатиот месец Бугарија јавно го соопшти ставот. Резервата на Софија кон јазикот е инвестиција во лоши односи. Ако Софија не сака да ја тргне таа резерва, може да ја задржи како бугарска позиција, но тоа не е добро, и не е прашање на политиката и државата, туку на науката. Нашиот јазик е македонски за нас, за ОН и за ЕУ. Тоа е наведено и во нацрт декларацијата на ЕК, а така треба да биде и во Рамката за преговори, рече Димитров.
Тој смета дека решение, сепак, може да се најде со поголемо меѓусебно почитување.
– Ова или ќе биде заеднички успех или заеднички неуспех, затоа што не е само македонскиот влог во оваа приказна. Има и силен европски влог, а многу е важно и за соседна Бугарија што ќе се случува, вели Димитров.