Прва блокада од Софија и прекршување на Договорот за добрососедство

Бугарија засега останува на тврдите позиции за македонската евроинтеграција и не дозволува да биде усвоена преговарачката рамка што треба да го отвори патот за одржување на меѓувладината конференција и старт на преговорите за членство на Северна Македонија во ЕУ.

Амбасадорскиот состанок на ЕУ вчера во Брисел не донесе напредок за усвојување на рамката за преговори, а исходот ќе зависи од билатералните разговори меѓу Скопје и Софија. Бугарскиот амбасадор при ЕУ, како што јави дописничката на МИА од Брисел, ја изложил позицијата за точките кои се неприфатливи за неговата земја и поради кои не може да даде зелено светло за усвојување на преговарачката рамка. Останатите амбасадори не гледаат причина да се навратат на ова прашање на наредните состаноци сѐ додека не дојде до напредок на билатерално ниво помеѓу Северна Македонија и Бугарија, брифираат од Советот на ЕУ.

Контактите се интензивни, тврдат дипломатите во ЕУ, исто како и обидите за медијација на спорот од страна на германското претседателство и на еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, за да се постигне компромис кој ќе овозможи до крајот на оваа година да се одржи првата меѓувладина конференција меѓу ЕУ и Северна Македонија и со тоа да се отворат првите преговарачки поглавја.

– Прва блокада од Бугарија, прекршување на Договорот за добрососедство, непријателски сигнал и разочараност, но и надеж дека сепак е можно решение, се првите реакции на официјално Скопје за стопирањето првата фаза во усвојувањето на преговарачката рамка за Северна Македонија за пристапување во ЕУ.

Премиерот Зоран Заев смета дека Софија го прекршува членот 2 од Договорот за добрососедство, вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров оценува дека бугарската блокада не е помагање, туку напротив, а шефот на дипломатијата Бујар Османи дека вчарашниот несупешен состанок на амбасадорите на ЕУ е неуспех, но оти конечната одлука ја носи Советот на министри.

– Членот 2 од Договорот за добрососедство и соработка кажува многу прецизно како Бугарија ќе ја поддржи Северна Македонија во нејзините интеграции во Европската Унија. И дефинитивно е прекршен тој член. Ние ништо не прекршивме од Договорот со Бугарија, напротив имплементираме и личности и спремни сме да ги објавиме записниците досега, и навистина ова е прво непријатно чувство што ни се случува, но верувам дека е порака да се забрзаат решенијата на кои се разговара меѓу двете работни групи предводени од министерствата за надворешни работи, изјави вчера премиерот Зоран Заев.

Според него, тоа е непријателски сигнал и значи оти е стопирана првата фаза во усвојувањето на преговарачката рамка на Северна Македонија за пристапување во ЕУ.

– Жалам што е испратена негативна порака, не може да се каже дека тоа е вето, но пораката е негативна, непријатна порака. Јавно ги коменирам ставовите, а со тоа сакам да испратам порака и до Бугарија да бидеме паметни, немаме договор со кој сме прифатиле заедничка историја, туку заедничка историја постои за цела Европа, за цел регион, од Балкан, нека биде тоа добра подлога од која ќе се прифатат и двата современи јазици, а тоа е нашиот македонскот и бугарскиот јазик, за кој нема дилема дека од наша страна секогаш бил признаен, истакна Заев.

Сепак, тој изразува оптимизам дека ќе се најде решение и со помош на германското претседателство во декември ќе успееме да ја одржиме и првата меѓувладина конференција. Следуваат уште два состанока на амбасадорско ниво, по што ќе се одржи и министерскиот состанок (ГАК) на 17 ноември. Заев потсети дека се одвиваат интензивни комуникации меѓу двете земји, посебно меѓу двете Министерства за надворешни работи .

Премиерот повтори оти нема да се склучува нов договор или анекс, туку се работи за појаснување што може да се даде во форма на изјава, писмена или усна, како што рече, со конечна цел да се придвижат работите. Појаснувањата се однесуваат на краткото и долгото име на државата, Република Северна Македонија и Северна Македонија дека двете се однесуваат на политичкиот субјект, на државата Северна Македонија, дека немаме територијални претензии во нашиот Устав, како и тоа дека не се мешаме во внатрешните работи на никоја земја, вклучувајќи ја и Бугарија.

Заев нагласи дека за идентитетот и за македонскиот јазик не преговараат држави и оти за тоа не ни може да се преговара.

– Прашањето за идентитетот и јазикот е кислородот, не можеме ние кислородот да го дадеме. Кислородот е тој што го вдишуваме кога зборуваме македонски јазик и апсолутно тука е прашање на чувство, прашање на определба и драго ми е што Бугарија не го бара тоа. Тие тоа го признаваат како реалнст. Но секако како Македонец што зборува македонски јазик е мое право на самоопределба, истакна премиерот Заев.

Бугарската блокада, според вицепремиерот Никола Димитров, не е помагање, туки напротив, а инсистирањето на Софија на резервите кон македонскиот јазик е отров за билатералните односи.

Отворањето на преговорите со Северна Македонија, вели тој, ќе биде или заеднички успех или заеднички неуспех за Брисел, Софија и Скопје. Многу е битно и каква порака ЕУ ќе се испрати до целиот регион.

– Каква пораката се испраќа за целиот Балкан ако во март има одлука за преговори, а до декември ништо не се случи. Довербата во зборот на ЕУ ќе се истенчи уште повеќе, смета Димитров.

За шефот на дипломатијата Бујар Османи, неуспехот да се постигне согласност за Рамката за преговори не е добра вест, но сепак, не значи дека на наредните состаноци нема да се најде решение. Конечната одлука се носи на Советот на министри, што треба да се одржи за една недела, и овој простор од неколку дена треба дополнително да се искористи. Евентуалното бугарско вето, според Османи, ќе има сериозни последици и по внатрешната динамика, и по билатералните односи, но и по регионалните прашања.

Во меѓувреме, со појаснување на првата блокада на усвојувањето на преговарачката рамка за Северна Македонија излезе бугарското МНР.

– Бугарија ја извести Европската комисија дека не е во можност да ја прифати предложената преговарачка рамка за Република Северна Македонија и нацрт-декларацијата, бидејќи не ги даваат потребните гаранции за исполнување на бугарските услови. За Бугарија е неприфатливо нејзините услови за Република Северна Македонија да бидат поставени во декларацијата на Советот на ЕУ, што ја придружува рамката за преговори. Декларацијата на Советот не е правно обврзувачки инструмент и не ги дава правните гаранции што ги бара Бугарија. Ние би имале такви гаранции доколку нашите барања се рефлектираат во текстот на рамката за преговори, на што  инсистираме, велат од бугарското Министерство за надворешни работи.

Сепак, Софија смета дека и покрај кратките рокови решение може да се постигне.

– Бугарија им се заблагодарува на германското претседателство со Советот на ЕУ и на комесарот за проширување Оливер Вархеји за конструктивниот пристап и секојдневната заедничка работа во потрага по решение кое сè уште е можно да се постигне и покрај кратките рокови, посочуваат од МНР на Бугарија.

Според најавите од Брисел, деновиве повторно ќе има средби на амбасадорите на земјите членки на ЕУ. Министерскиот совет, пак, на кој треба да се усвои преговарачката рамка е одложен за една недела и ќе се одржи на 17 наместо на 10 ноември, што им остава десет дена на Скопје, Софија и нивните медијатори да ги приближат позициите и да постигнат заеднички прифатлив договор, со што би се отстраниле бугарските резерви.

Треба да знаете
Последни објави