Членка на Државната изборна комисија на САД, Елен Вајнтрауб денеска изјави дека „Американците треба да знаат дека нема докази за изборни измами”. Според неа, државните и локалните власти, како и локалните изборни комисии се потрудиле да не дојде до никакви неправилности, јави Си-Ен-Ен.
– Имаше многу малку поплаки за регуларноста на изборите, а уште помалку беа оправдани жалби. Нема докази за изборна кражба или незаконски гласови. Всушност, вие не мора да се држите до моите зборови, прашајте независни набљудувачи на изборите, тие ќе ви кажат како поминаа изборите, изјави Вајнтрауб за Си-Ен-Ен.
Американскиот претседател Доналд Трамп, кој во моментов заостанува зад демократскиот кандидат Џо Бајден во изборната трка, најави преземање правни чекори затоа што смета оти изборите не биле регуларни.