СЗО: Во шест земји нови случаи на коронавирус на фарми за куни

Дaнска и САД се меѓу шесте земји кои пријавиле нови случаи на коронавирус поврзани со фарми за канадска куна, соопшти Светската здравствена организација (СЗО).

Италија, Холандија, Шпанија и Шведска се преостанатите земји кои откриле Ковид-19 меѓу канадските куни, се вели во соопштението на СЗО. Данска воведе строги мерки на северот на земјата по предупредувањето дека коронавирусот мутирал и преминал од куни на луѓе, при што се заразили 12 лица. Официјален Копенхаген предупреди дека мутацијата може да ја загрози ефикасноста на која било идна вакцина, наредувајќи колење на 15-17 милиони канадски куни во земјата, кои се одгледуваат поради нивното крзно.

Британија денес забрани влез во земјата за сите странци кои не живеат во неа и доаѓаат од Данска, бидејќи кај луѓето е откриена мутација поврзана со фармите за куни.

Научниците велат дека мутациите на вирус се чести и честопати безопасни, а тоа не предизвикува развој на посериозна болест кај луѓето. Но, данските здравствени власти се загрижени дека овој мутиран вид на вирус, „Кластер 5“ може да ја загрози ефикасноста на вакцината против Ковид-19, на која забрзано се работи низ целиот свет.

„Првичните согледувања сугерираат дека клиничката слика на болеста, нејзината тежина и пренесување меѓу заразените се слични како и кај другите вируси САРС-КоВ-2“, објави СЗО во петокот.

„Но, оваа варијанта „Кластер 5“ содржи комбинација на мутации, односно промени што претходно не биле забележани. Импликациите од забележаните промени во оваа варијанта сè уште не ни се целосно јасни“, предупредуваат од СЗО.

Организацијата повика на понатамошно истражување за да се потврдат прелиминарните наоди и да се разберат сите можни импликации од истите, кога станува збор за дијагностиката, терапијата и вакцините во развој.

Треба да знаете
Последни објави