Големи делови на светот го држеа здивот во неизвесност и сега можат полека да издишат и повторно да вдишат. Траеше долго (и тесно е), но Џо Бајден го победи Доналд Трамп. По само еден мандат и долги четири години, актуелниот претседател мора да ја напушти Белата куќа на 20 јануари. На овој ден, Џо Бајден ќе положи заклетва за претседател и Камала Харис за негова заменичка. Дури и ако претседателот Трамп објави дека судски ќе го оспори резултатот, тој не би требало да има никаква шанса.
Добри вести за мултилатералистите
Ова е добра вест за свет кој верува во мултилатерални договори и копнее по доверлива Америка. За луѓето кои веруваат во смислата на НАТО и на Парискиот климатски договор. За деловните луѓе на кои им се потребни сигурни правила за нивниот бизнис. И, исто така, за сите оние кои сè уште се убедени дека трансатлантските односи се важни за кохезијата и силата на западните демократии.
Но, деновите во кои САД беа волни и подготвени главно сами да го носат товарот на светски полицаец, се дефинитивно завршени. Токму Барак Обама, со својата доктрина „Предводење од заднина”, јасно стави до знаење дека од Европа се очекува поголем ангажман во воените прашања, вклучително финансиски ангажман. Доналд Трамп ја прошири оваа стратешка промена и Џо Бајден ќе ја продолжи. Но на подипломатски начин.
Враќање кон Парискиот договор за климата
Претседателот Бајден, како и претседателот Обама, кај кого Бајден служеше како заменик, е убеден во предностите на трансатлантските односи. Тој ги цени Германија и Европа како сигурни партнери. Тој вети дека повторно ќе ги приклучи САД кон Парискиот договор за клима и дека ќе продолжи да ги исполнува обврските во другите мултилатерални сојузи како што е НАТО.
Со претседателот Бајден, САД повторно ќе бидат сигурен партнер. Ако Европа сериозно го сфати повикот за будење од годините на Трамп, можеби дури и вистински рамноправен партнер. Тогаш, имено кога европскиот дел на сојузот конечно ќе јпреземе одговорност што соодветствува на улогата на Европа во светот.
Трага на уништување
На внатрешнополитички план, оценката за изборите е значително помалку позитивна. Доналд Трамп остави зад себе трага на уништување. Неговото извршување на функцијата со целно насочени лаги трајно ја наруши довербата во демократските процеси и институции. Многу гласачи на Трамп ќе продолжат да тврдат дека резултатите од изборите биле изманипулирани.
Поддржувачите на Трамп ќе го обвинат Џо Бајден за економските превирања со кои САД ќе се борат во наредните месеци, ако не и со години. Без оглед на тоа што и Доналд Трамп, се разбира, со неговата игнорантност, е соодговорен за последиците од пандемијата на коронавирусот во САД.
За четири години додека беше на таа функција, Доналд Трамп ја промени оваа земја. Демократите се надеваа на огромна победа како доказ дека јасно мнозинство Американци посакува поинаков курс. Тоа не е случај.
Воинствениот повик: „Америка прво” не му ја донесе на Трамп победата на која се надеваше. Но, ехото на тој повик и натаму татне. Доналд Трамп им дозволи на многу Американци отворено да го покажат својот расизам, ксенофобија и мазигонија. И тие ќе продолжат да го прават тоа.
Џо Бајден победи на изборите. Но, демократот ни оддалеку не ја победи омразата што ја посеа Трамп и која го продлабочи расколот во земјата.