На четвртиот ден на Меѓународната младинска конференција “Европски вредности за иднината на Југоисточна Европа” се одржаа две панел дискусии на која истакнати говорници разменија мислења со учесниците на конференцијата.
На првата пленарна сесија на тема “Невработеност- што следно?” свое обраќање имаа Огњен Марковиќ, експерт на проектот Младинска Лабораторија за Западен Балкан од Регионалниот совет за соработка(Regional Cooperation Council), како и Саша Безуханова, основач на move.bg. На оваа сесија свое излагање и дискусија требаше да има и вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, кој во последен момент го откажа своето учество.
Огњен Марковиќ пред учесниците ги презентираше податоците кои се однесуваат на невработеноста на регионално ниво за време на пандемијата, односно дека младите од 15 до 29 години се три пати повеќе невработени споредено со повозрасните граѓани, како и тоа дека 51 отсто од младите луѓе ги загрижува невработеноста. Марковиќ потенцираше дека е важно да има заеднички пристап на решавање на невработеноста со креирање решенија од младите луѓе, носителите на одлуки и учество на меѓународната заедница и мрежите за регионална соработка. На сесијата исто така, свое обраќање имаше и Саша Безуханова која ја истакна важноста на дигитализацијата и препознавањето и градењето на нови вештини кои ќе отвараат работни места за младите.
На втората пленарна сесија на тема “Иднината на образованието- нови можности или нови основи за поделби” во обраќањето Адриан Барбарос од студентската организација ОБЕСУ, се осврна на важноста на учеството на студентите и младите во креирањето политики, како и на неформалното образование кое е клучно за стекнување вештини и за унапредување на општествата.
На сесијата исто така, од дигиталниот хаб во Тирана се вклучи и заменик министерот за образование и наука на Албанија, Олтион Румбулаку, кој пред учесниците ги претстави силните предизвици во услови на пандемија со кои се соочува образованието. Тој потенцираше дека за образованието мора да има долгогодишна визија која ќе резултира со повеќе ученици на стручни студии, повеќе професори, како и образование кое ќе носи вештини за пазарот на трудот.
Од дигиталниот хаб, пак, во Јаши, Романија се вклучи професорката Ала Апопеи која истакна дека иако 2020 е година на тектонски промени и предизвици, сепак тоа може да биде шанса за повторно обмислување и модернизирање на образовниот процес, користејќи дигитални алатки и нов образовен пристап.
На крајот на сесијата свое обраќање имаше и професор од новиот Бугарски Универзитет, Христо Банџуков, кој зборуваше за сериозноста и моментумот за отварање на дискусија за редизајнирање на образованието, како и за позитивните и негативните страни кои ги носи дигитализацијата на образовниот процес.
Во текот на денешниот и утрешниот ден конференцијата продолжува со работни групи, на кои учесниците ќе изработат “Младинска визија за Југоисточна Европа”, која ќе биде презентирана пред носителите на одлуки во вторник, на завршната сесија од конференција.