Зетот на турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, синоќа се повлече од функцијата министер за финансии од здравствени причини, пренесе агенцијата Франс прес.
„По пет години на министерски функции, донесов одлука да не ја продолжам мојата служба (како министер за финансии) поради здравствени проблеми“, објави Берат Албајрак (42).
Тој беше министер за финансии од јули 2018 година, а претходно беше министер за енергетика три години.
Неговата оставка уследи по смената на гувернерот на турската централна банка Мурат Ујсал, кој беше заменет со поранешниот министер за финансии Наџи Агбал.
Аналитичарите се сомневаат во причината за оставката на Албајрак. Некои споменуваат дека тој имал добри односи со Џаред Кушнер, советник на поранешниот американски претседател Доналд Трамп.
Се додава дека овие односи повеќе не се важни за Ердоган затоа што Трамп загуби на претседателските избори.
Албајрак е оженет со ќерката на Ердоган, Есра, и имаат четири деца.