Триесет и една година од падот на Берлинскиот ѕид

9 ноември 1989 година е историски ден како за Германија така и за цела Европа. На тој ден падна ѕидот кој го делеше Берлин на источен и на западен ден цели 28 години.

На годишнината од падот на ѕидот, експертите велат дека разликите меѓу западниот и источниот дел и понатаму се забележуват.

„Многу разлики кои постоеја меѓу двата дела на сега единствената држава, особено економските, се намалени, но и понатаму постојат силни разлики во ставовите и менталитетот. Разликата меѓу истокот и западот е голема кога стнува збор за тоа како луѓето ја гледат поранешна Германска Демократска Република, колку веруваат во демократските институции, како гледаат на елитата, на медиумите, како и во односите кон Русија“, рекол за Си-ен-ен Штефен Мау, професор по социологија на берлинскиот Универзитет „Хумболт“.

Тој додал дека повеќето западни Германци би рекле дека повеќе не постојат разлики, дека сè е избришано во текот на трансформацијата, додека повеќето источни Германци би рекле дека и понатаму постојат впечатливи разлики меѓу истокот и западот на земјата.

Железната завеса, како што го нарекувале ѕидот, го делел Берлин на два дела. Бил изграден во 1961 година од комунистичкиот режим на Источна Германија за да се оддели Западен Берлин, кој бил под контрола на западните сојузници, од источниот дел на градот и од остатокот од Источна Германија, која била под силно влијание на СССР. Sидот станал највпечатлив симбол на Студената војна.

Sидот ги разделувал Источна и Западна Германија точно 28 години и еден ден. Источна Германија ја започнала изградбата на ѕидот на 13 август 1961. Ненадејната градба на ѕидот предизвикала многу семејства да останат поделени. Sидот бил целосно урнат кон крајот на 1989, освен еден дел кој и денес стои како спомен на тоа време.

Во текот на 28-годишната поделба, најмалку 136 луѓе биле убиени од граничните единици на Источна Германија обидувајќи се да пребегнат во Западен Берлин. Некои тврдат дека таа бројка изнесува повеќе од 200. Источногерманската власт им дала наредба на граничарите да пукаат на бегалците.

Имало неколку службени премини, а интересно е што имињата започнувале со првите букви од азбуката: „Алфа“, „Браво“…

Најпознат бил т.н. „Check Point Charlie“, која и денеска симболично е обележан. Таму „стражарат“ актери облечени како американски војници. Тој премин бил наменет за дипломати, сојузничките воени сили и странци.

Кога на 9 ноември 1989, по неколку неделни граѓански немири, власта во Источна Германија објавила дека сите нејзини граѓани можат да ја посетат Западна Германија и Западен Берлин, источногерманците се искачувале и го преминувале ѕидот, прославувајќи ја слободата на другата страна. Во текот на следните неколку недели, делови од ѕидот биле искорнати од одушевениот народ и од ловци на сувенири, а по неколку недели ѕидот речиси целосно бил отстранет со градежна механизација.

Падот на Берлинскиот ѕид бил првиот чекор во обединувањето на Германија кое се завршило на 3 октомври 1990 година.

Треба да знаете
Последни објави