Европскиот суд за човекови права во Стразбур пресуди во корист на двајца тужители, Роми, застапувани од страна на Европскиот центар за права на Ромите (ЕЦПР), кои биле малтретирани додека биле малолетни, од страна на полицијата во Скопје, во 2014 година. „Судот ѝ наложи на Владата на Северна Македонија да им исплати на Ромите, кои се сега на возраст од дваесет и три години и деветнаесет години, износ од 7.500 евра, поединечно“, се наведува во соопштението на ЕЦПР. Претседателот на ЕЦПР, Ѓорѓе Јовановиќ, рече дека е вознемирувачки да се види дека правдата за овие деца очигледно не може да се добие во Северна Македонија.
„Познато ни е дека овој вид на расистичко насилство се случува постојано, но правосудниот систем, полицијата, јавниот обвинител во оваа држава се така институционално расистички, што, дури и кога деца се апсени и претепувани од страна на расистички полицајци, институциите не можат ниту да спроведат успешна истрага против нивните сопствени службеници. Ромите треба да бараат потпора од судот во Стразбург за да воопшто добијат било каков вид на правда“, веи Јовановиќ.
Предметот се однесува на инцидент од 19 мај 2014 година. Тужителите тогаш биле на возраст од 16 и 13 години.
Полициските службеници, припадници на „Алфите“, барале двајца силеџии, кои биле пријавени дека нападнале и ограбиле дваесетгодишна жена и кои биле опишани како мажи со темен тен, на возраст помеѓу 16 и 18 години. Подоцна, полициска патрола ги пронашла двајцата малолетници, веднаш напаѓајќи ги на улицата, пред да го однесат шестнаесетгодишниот во полициски притвор во полициската станица Центар. Во полициската станица, шеснаесетгодишното момче било наводно дополнително тепано неколку часови од страна на службениците, до кога неговиот татко бил повикан во станицата и на момчето му било кажано „најди ја чантата или ќе те убијам пред татко ти.“ Под закана, тој потпишал признание дека тој украл рачна чанта од дваесетгодишна жена, претходно истата вечер. Тринаесетгодишното момче исто така изјавило дека полициските службеници го шамарале по лицето и на улицата му извикувале „вие Цигани, вие лажете и крадете!“.
По инцидентот, полицијата негирала било каков наводен престап сторен од страна на службениците, изјавувајќи дека полициските службеници не ги пречекориле своите овластувања.