Австриската полиција вчера го забрани протестот пред француската Амбасадата во Виена, шест дена по терористичкиот напад во овој град во кој беа убиени четири лица.
Новата анализа на австриската полиција утврдила дека целта на собирот е спротивна на законот.
Организаторите за вчера најавија протест под паролата „Против карикатурите на Мухамед”, со проценка дека на него ќе учествуваат околу 100 луѓе.
На почетокот полицијата немаше причина да го забрани собирот, но вчераутро, на денот на протестот, воведе забрана за собирање затоа што организаторите на Фејсбук го величеа насилството.
Австрискиот министер за внатрешни работи, Карл Нехамер, ја поздрави забраната за протестот.
-Новата анализа доведе до забрана за протстот. За мене тоа беше единствената правилна одлука. Не смееме да им даваме простор на идеологиите на исламизмот. Особено по бруталниот напад во Виена, апсолутно е неподносливо група екстремисти да сака да одржи демонстрации. Нема да дозволиме да бидат злоупотребени демократијата, основните права и нашето право на собир, рече тој.