Соопштение од претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески
РЕШЕНИЈА, А НЕ НАДМУДРУВАЊА
Ристо Пеов првпат го видов во 1995 година во хотелот „Гранд“, сегашен „Холидеј ин“. Беше дојден од Австралија како докажан бизнисмен со македонско потекло за да инвестира во својата земја, која неколку години пред тоа стана независна. Од казиното во хотелот „Гранд“ бизнисите се проширија на падините на планината Бистра, со изградба на модерен скијачки центар и на еден прекрасен хотел, кој го носи името на планината. Следната бизнис-дестинација беше хотелот „Епинал“ во Битола, кој наеднаш стана модерен туристичко-угостителски објект, па продолжи во Мариово со влегување во земјоделско-прехранбениот сектор.
Крис Блажевски го запознав во 2005 година во Њу Џерси. И тој се врати во Македонија и направи успешна туристичка приказна во Струга. Секогаш се прашувам дали можеби овие бизнисмени се нашите Вања Периќ и Тања Полегубиќ, кои ги оставија своите бизниси во Австралија и во Канада и денес на островот Хвар развиваат дигитални хабови, анимираат дигитални номади и прават „паметни села“.
РЕШЕНИЈА… РЕШЕНИЈА… РЕШЕНИЈА… РЕШЕНИЈА… РЕШЕНИЈА…
За да се врати надежта, а особено за оние кои се врзани за бизнисот, најпотребни се РЕШЕНИЈА. РЕШЕНИЈА кои мора да се брзи, одлучни и засновани на реални проценки. Да ги оставиме настрана сите расправии „истресени од ракав“, да заборавиме на неплодните дискусии за историјата и да ги промениме уништувачките изрази „јас знам сѐ“, „кој е тој да ми кажува“, „јас одамна реков“, кои само ќе придонесат да платиме висока цена во кризата. |
Спојот на агросекторот и туризмот не е непознат и за домашните бизнисмени, кои го препознаваат потенцијалот на заедничкото функционирање, кое може да претставува дел од решенијата за постковид-периодот, како гранки со огромен извозен потенцијал.
Што им е заедничко? Земјоделско-прехранбениот сектор учествува со околу 11 % во домашниот БДП, а туризмот и угостителството со многу помалку – под 5 %. Но и двете дејности имаат огромен потенцијал за раст и можност за голема додадена вредност. Доколку, пак, се работи на спојување на двата сектора (а таков потенцијал постои), успехот и економскиот удел во буџетската каса ќе бидат значително поголеми.
На конференцијата што ја организираше Стопанската комора на Македонија на крајот на септември 2020 година, во согласност со спроведените анализи и проекции, констатиравме дека туристичко-угостителскиот сектор има потенцијал да биде меѓу најдобрите извозни гранки (во глобалниот БДП туризмот учествува со 10 %. Секој десетти вработен човек во светот е во туризмот. Оваа дејност врзува над 15 други стопански гранки). Но за да се реализира тоа потребно е:
- десетпати зголемување на наменските средства за промоција и за координација на овие сектори;
- промена на моделот за субвенционирање, со еднаква стимулација за сите превозни средства и со еднаков износ за сите странски туристи и
- формирање национална туристичка организација и донесување нов закон за туризам.
На утрешната конференција, пак, извозниот потенцијал на земјоделско-прехранбениот сектор го гледаме во млечната, винарската, месната и во мелничката индустрија.
Кризата во овој сектор ќе предизвика пад од 22 % до 40 %, а на профитот пад од 40 % до 60 %, иако државата интервенира со сериозни средства за субвенции од 2006 година. Тука, пак, приоритетите се многу јасни:
- окрупнување и мелиорација на земјоделското земјиште;
- промена на методологијата на субвенционирање и
- унапредување на органското производство и на руралниот развој.
Тука е и прашањето за подготвеноста на администрацијата за отпочнување на преговорите со ЕУ и дали има капацитет да го спроведе овој процес.
Пораките и од двете конференции во организација на Стопанската комора на Македонија се јасни – не смееме да седиме со скрстени раце и да чекаме, едноставно, кризата да помине. Во вчерашното мое обраќање до членките на Стопанската комора на Македонија, во овие критични моменти, јасно укажав дека решенијата мора да се бараат навреме, а еден од клучните фактори што може да го трасира тој пат мора да е реалниот сектор, затоа што со многу примери покажал дека нудел вистински решенија.
Дали имаме пример за тоа? Словенија, нашиот најголем поддржувач за влез во Европската Унија, е многу сериозен пример дека може да се направи тоа. Пример се и Вања Периќ и Тања Полегубиќ, кои како инвеститори повратници од странство во својата земја, на Хвар во Хрватска, јасно советуваат дека оние кои ќе се вратат назад и кои ќе го направат овој спој мора да се свесни дека ќе бидат одговорни за своите бизниси од самиот почеток, а не да чекаат прво поддршка од државата и од Европската Унија. Институциите ќе помогнат кога ќе видат дејствување и јасно изразена волја за просперитет на своите бизниси.
Сето погоре кажано јасно упатува дека овие два сектора ќе имаат важна улога во постковид-периодот и затоа е потребно заклучоците од двете конференции да бидат третирани како многу сериозни мислења на луѓето од реалниот сектор, за да не ни се повтори и по дваесет години да пишуваме дека имало нудење РЕШЕНИЈА од реалниот сектор, но дека не биле прифатени.