До 1.500.000 денари неповратна помош за развој на рибарството и аквакултурата  

Од денеска до 30 ноември 2020 сите кои сакаат да градат нови или да ги ревитализираат и обноват старите рибници, мрестилиштата или мандрите, може да поднесат барање за добивање средства од Програмата за рибарство и аквакултура.

Како што соопшти Платежната агенција, за неповратни средства може да аплицираат и сите кои од први јули до 30 септември набавиле порибителен материјал за насадување на рибниците.

-Станува збор за неповратни финансиски средства (грант), обезбедени од Буџетот на државата. Поддршката за изградба на нови, реконструкција и адапатација на постојните рибници е до 1.000.000 денари. Иста финансиска поддршка може да добијат и апликантите корисници на мандри за традиционален лов на риби и кои ги реконструирале. До 1.500.000 денари може да добијат оние што сакаат да ги рехабилитираат риболовните води и мрестилиштата, грант до 30.000 денари може да добијат сите кои имаат направено заштита на риболовните ревири и рекреативни зони, до 150.000 денари може да добијат барателите кои ќе поднесат барање за заштита на риболовни зони, додека до 400.000 денари им следува на сите апликанти кои аплицираат за заштита на риболовни подрачја, вели директорот на Агенцијата, Николче Бабовски.

Оваа поддршка може да ја добијат сите кои имаат направено прифатливи трошоци за физичка заштита на рибите, за рибочувари, за гориво за пловни објекти кои се во сопственост на концесионерот во време на природен мрест во период од први април до 15 јули 2020 година.

Барање за добивање финансиска поддршка може да поднесат и оние кои од први јули до 30 септември годинава набавиле порибителен материјал за насадување на рибниците.

-Средствата се исплаќаат скалесто: за купен или сопствен подмладок до 2.500 килограми -100 отсто од вредноста на утврдената цена на подмладокот, за купен или сопствен подмладок од 2.500 до 5000 килограми – 75 отсто од вредноста на утврдената цена на подмладокот, за купен или сопствен подмладок од 5.000 до 7.500 килограми – 50 отсто од вредноста на утврдената цена на подмладокот, а за купен или сопствен подмладок над 7.500 килограми – 25 отсто од вредноста на утврдената цена на подмладокот, објаснува директорот.

Образците и барањето за исплата на средства заедно со листата на потребни документи кои се доставува во прилог на барањето се достапни на веб страницата на Агенцијата: www.ipardpa.gov.mk.

-Барателите треба да поднесат уредно и комплетно пополнето барање за секоја мерка/потточка одделно. Сите потенцијални баратели целокупната документација треба да ја достават во затворен плик, преку пошта на адреса: Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, ул. бул,,3-та Македонска Бригада, бр.20 (зграда на Македонија Табак Блок Ц) 1000 Скопје, или со предавање во архивата на Агенцијата. На предната страна на пликот во горниот лев агол да пишува “НЕ ОТВАРАЈ” и мерката / потточката за која аплицира, нагласува Бабовски.

Треба да знаете
Последни објави