Битиќи: Грчката Влада ја гледаме како партнер

Грчката Влада ја гледаме како партнер, што е посветен, не само на имплементацијата на Договорот од Преспа, туку и можност во ерата по потпишувањето на Договорот, вели заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи во интервјуто за телевизијата „Делта” од грчкиот град Александруполи, јави дописничката на МИА од Атина.

Комплетното интервју ќе се емитува утревечер, а во најавата, телевизијата ги пренесува ставовите на Битиќи како во однос на позицијата на грчкиот премиер за Договорот од Преспа во периодот додека беше опозиција, така и во однос на неодамнешното учество на македонската делегација на тркалезна маса во Солун заедно со Помпео.

Заменик-претседателот на Владата, не ги коментира претходните позиции на Мицотакис околу Договорот од Преспа, туку се задржува на сегашниот став на официјална Атина.

-Она што гледам е конструктивна страна, што сака да го поттикне и активира Договорот од Преспа, условите, обврските што произлегуваат од овој меѓународен договор. Така, грчката Влада ја гледам како партнер, што е посветен, не само во имплементацијата на Договорот од Преспа, туку всушност гледа и можност во ерата по потпишувањето на Договорот од Преспа, вели заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции за грчката регионална телевизија.

На крајот од септември, Битиќи, со заменик-претседателот на Владата за борба против корупција, одржлив развој и човечки ресурси Љупчо Николовски и со министерот за економија Крешник Бектеши, учествуваа на тркалезната маса „Регионалната енергетска безбедност и соработка” во Солун заедно со државниот секретар на САД, Мајкл Помпео и министерот за животна средина и енергија на Грција Костис Хаѕидакис.

За оваа посета и средбите, Битиќи во интервјуто, вели дека станало збор за соработката во економијата и во повеќе енергетски проекти.

-Разговаравме за неколку конкретни проекти, а еден од нив е терминалот во близина на Александруполи кој е поврзан со терминалот на LNG. Разговаравме за интерконекторот за гас меѓу Грција и Северна Македонија и други билатерални односи кои би можело нормално да активираат подобра бизнис средина во двете земји за нови инвестиции, истакнува Битиќи за ТВ „Делта”.

Треба да знаете
Последни објави