Под покровителство на Кабинетот на претседателот на Република Северна Македонија и во соработка со Советот на странски инвеститори при Стопанската комора на Македонија во претстојниот период ќе се реализира програмата „Млади менаџери и бизнис-лидери”.
Програмата предвидува 15 млади луѓе преку низа обуки спроведени во неколку компании-членки на Советот на странски инвеститори, да се стекнат со конкурентни вештини и знаења.
Целта е да се овозможи градење вештини кај идните млади менаџери и бизнис-лидери со трансфер на знаења овозможен преку соработката на Претседателот и Советот на странски инвеститори, да се откријат потенцијални таленти и да им се овозможи на компаниите кои ќе учествуваат во рамки на проектот подобро да разберат што ги мотивира младите.
Програмата ќе се реализира од декември годинава до февруари следната година, а право на учество имаат студенти до 29 години кои се во последната година од додипломските студии, дипломирани студенти, како и студенти на магистерски и докторски студии на факултетите по економија, право, човечки ресурси, менаџмент, јавна администрација, бизнис или научна област.
Повеќе информации за учество во програмата може да се најдат на јавниот повик објавен на веб-страницата на Претседателот и на www.fic.mk.