Шефот на ЕУ дипломатијата Јосеп Борел, претпладнево се обрати преку видеопорака на Самитот во Софија во рамките на Берлинскиот процес и побара да се задржи позитивниот тренд, вклучително и со отворањето преговори за членство со Скопје и Тирана, јави дописничката на МИА од Брисел.
– Западниот Балкан е во срцето на Европа и нивната иднина е во Европската Унија, затоа нашиот ангажман бил и останува силен, изјави Борел на почетокот на неговото обраќање до лидерите учесници на самитот чии домаќини се Бугарија и Северна Македонија.
Главна тема на неговиот говор очекувано беше предизвикот од Ковид-19 и неговите последици.
Борел потсети со колкава финансиска и материјална поддршка ЕУ му помага на регионот да се справи со оваа криза, вклучително и преку Економскиот и инвестициски план за западниот Балкан презентиран минатиот месец.
– Знаете сите колку на Европската Унија и е важен нејзиниот заеднички пазар. Тоа е еден од нашите најголеми адути и во пресрет на овој Самит бев импресиониран од смислата на посветеност што ја покажавте за создавање заеднички пазар на Западниот Балкан, за да се ослободи економскиот потенцијал на регионот, изјави шефот на европската дипломатија.
Во овој контекст тој потсети дека економското закрепнување во пост-ковид периодот мора да биде „одржливо и социјално праведно”.
– Тоа значи да се цели кон зелено економско закрепнување и дигитална трансформација на економијата и општество, рече Борел, нагласувајќи ја Зелената агенда за Западниот Балкан која го придружува Економскиот и инвестициски план.
Тој додаде дека е важно сите економски реформи да бидат поткрепени со силни политички реформи.
– Секој партнер во регионот знае што треба да се направи. Сега, со добредојдената одлука да се отворат преговори со Албанија и Северна Македонија, време е да се задржи позитивниот тренд и да се продолжи со работа. Да се работи заедно како што тоа го правиме во ЕУ е најдобар начин да се надмине наследството од минатото и да се гради подобра иднина. Тоа е јасен сигнал за нашата младина дека сериозно ги сфаќаме нивните аспирации за зелени, миротворни, праведни и просперитетни општества, изјави шефот на дипломатијата на ЕУ.
#WesternBalkans' future is in the EU. Regional cooperation needs to overcome the legacy of the past and build a better future. It is a signal to youth that we take their aspirations for green, peaceful, just and prosperous societies seriously. https://t.co/tmDwecfiEx pic.twitter.com/5DtblcFQLH
— Josep Borrell Fontelles (@JosepBorrellF) November 10, 2020