Македонската фудбалска репрезентација утрово тргна на пат за Грузија, каде утре (18 ч.) во Тбилиси на стадионот „Динамо арена“ ќе го игра најважниот натпревар во својата историја од појавувањето на меѓународната сцена во далечната 1993 година. Влогот од овој финален натпревар во Лигата на нации за девете селекции е премиерен настап на завршница од ЕП, која ќе се одигра идната година. Во македонската експедиција и покрај неочекуваните проблеми кои се појавија пред тргнувањето за Грузија со позитивните тестови на Кире Ристевски и Крсте Велкоски, повредата на Енис Барди, како и неизвесноста дали ќе биде опоравен Аријан Адеми, оптимизмот не ги напушта македонските фудбалери.
Најискусниот, 37-годишниот капитен Горан Пандев која скоро 20 години е дел од државниот тим ги предводи своите помлади колеги, меѓу кои има и повеќемина кои со тимот до 21 година го остварија сонот да заиграат на завршница од ЕП во 2017 година. Сегашните предизвик е најголемиот за фудбалерите, симпатизерите, државата… Од премиерен настап на ЕП ги делат уште 90 минути.
-113 натпревари, повеќе од 19 години носење на овој свет дрес, многу порази, победи, радости и понижувања. Многу убави и лоши работи поминав со тебе Македонијо….. Остана уште еден чекор до остварување на мојот сон, до остварување на сонот на моите колеги, на моето семејство, на цела нација.
Во овие тешки времиња, да се обединиме сите заедно и да се обидеме сонот да ни стане реалност. Еден за сите – сите за еден…Да живее Македонија“, е пораката на Пандев преку социјалната мрежа Инстаграм во пресрет на решавачкиот меч.
Оптимизмот играчот на италјанскиот калчолигаш Џенова го сподели пред овој натпревар и за Фејсбук страната на Фудбалската репрезентација на Македонија, каде меѓу другото рече:
-Кога почнав да играм првата желба ми беше да настапам во овој свет дрес, во дресот на македонската репрезентација. Играме долго време, скоро 20 години сум тука и дојдовме на само еден натпревар од сонот на сите. Безброј натпревари и финалиња, но настапот за репрезентативниот дрес е нешто посебно. Трема сигурно дека постои, знаеме за што играме, доволно сме искусни. Фудбал е, можат да се случат многу работи, но се надевам дека на крајот ќе се радуваме. Верувам дека ќе успееме да се пласираме на едно Европско првенство и ќе докажеме дека и во Македонија има квалитетни фудбалери. Се направи една репрезентација од младост и искуство. 20 години сум тука ,ваква хемија немало никогаш, сите сме како една фамилија, жално ќе биде да не ја искористиме оваа шанса за да ја победиме Грузија, порачува Пандев.
Македонската екпедиција утрово од скопскиот аеродром беше испратена со порака „Игравте со срце – Македонија е со вас“.
Македонија и Грузија во новото издание од Лигата на нации во групата 2 од сегментот Ц, во септември и октомври во Скопје и Тбилиси веќе ги одмерија силите и двете средби завршија без победник со идентични 1:1. Трета среќа очекува Македонија.



