Британските конзервативни пратеници формираа група против затворањето на земјата заради коронавирусот

Британските конзервативни пратеници формираа нова група за борба против, како што велат, новиот циклус на заклучување на земјата, воведен за спречување на ширењето на коронавирусот.

Додека повеќето конзервативци минатата недела ја поддржаа владата и вториот локдаун во Англија, воведен во обид да се спречи ширењето на Ковид-19, сега повеќе од 30 пратеници овие најнови мерки ги оценија како драконски, пренесуваат британските медиуми.

Новата интерна група, наречена Група за закрепнување од Ковид, е последната формирана група од конзервативни пратеници и е дел од поширокиот напор да се обиде да се изврши притисок врз владата, за која многумина веруваат дека не ја слуша партијата.

Многу пратеници стравуваат дека повторното воведување на локдаунот не само што уште повеќе ќе и наштети на економијата, која веќе се бори, туку и на менталното здравје на луѓето и ќе доведе до дополнителни смртни случаи затоа што на луѓето не им се дијагностицираат други болести.

Премиерот Борис Џонсон лесно го „мина” минатонеделното гласање и вети дека последниот локдаун ќе заврши на 2 декември, кога парламентот ќе ги изгласа следните чекори во борбата против коронавирусот, што во земјата веќе однесе повеќе од 61.000 животи.

Треба да знаете
Последни објави