Европската Комисија не се откажува од започнување преговори со Северна Македонија, јави дописничката на МИА од Брисел.
На барање на МИА за реакција по средбата на премиерите на Севена Македонија и Бугарија, Зоран Заев и Бојко Борисов во Софија, Европската Комисија останува на ставот дека двете страни треба да изнајдат компромис и дека може да се надминат несогласувањата.
– Ги охрабруваме двете страни да продолжат со напорите за изнаоѓање решение за нивните билатерални проблеми, рече за МИА портпаролката за проширување Ана Писонеро.
На 17 ноември треба да се одржи Советот на министри на ЕУ на кој ќе се разговара за проширувањето и на кој треба да се донесе одлука за усвојување на преговарачката рамка на ЕУ со Северна Македонија, но Бугарија за сега не отстапува и смета дека не може да даде зелено светло додека не се изнајде компромис околу прашањата за јазикот, краткото име и историските теми.
– Продолжуваме да се надеваме дека може да се постигне договор за преговарачката рамка наскоро со цел да се одржи првата меѓувладина конференција што е можно побрзо, вели Писонеро за МИА.
Во Европската Комисија не е сменет вокабуларот, велат оттаму, секогаш велеле „што е можно побрзо”, никогаш не лицитирале со датуми.
Само германското претседателство и самиот европски комесар за проширување јавно изјавуваат од старт дека се надеваат на прва меѓувладина до крајот на оваа година, односно во рамките на претседавањето на Германија со ЕУ.
Со оглед на тоа, велат од ЕК, употребата на фразата „што е можно побрзо” не претставува ниту ретерирање, ниту некаква промена во амбициите на Комисијата во однос на Северна Македонија.
– Ги поздравуваме напорите на германското претседателство за олеснување на разговорите помеѓу Бугарија и Северна Македонија со цел постигнување на договор во Советот за преговарачката рамка, е официјалниот став на Европската Комисија, која и натаму останува во контакт со сите страни за да го помогне процесот.
Во Брисел не се добива впечаток дека Северна Македонија постапува неконструктивно во овој процес, велат дипломатските извори кои ги консултираше МИА и се гледа позитивно на физичката посета на премиерот Заев на Софија во рамките на Берлинскиот процес.
Се остава сега на сите страни да продолжат со контактите и обидите за постигнување компромис, и, иако бугарската страна нема поддршка од другите земји членки за своите ставови, нејзиното право на вето е безусловно, и ниедна земја, ниту институција не може да се меша во билатерални прашања, нагласуваат дипломатите во Брисел.