Соопштение до јавноста, реакција на соопштението на СДСМ
„Како изминува времето, така се повеќе е јасно дека власта не знае во кој правец да се движи, односно не знае да го менаџира здравството во оваа пандемија предизвикана од Ковид-19 вирусот.
Ако се навратиме неколку месеци наназад ќе се сетиме на оние прес конференции на Венко Филипче, каде со тивок тон ги манипулираше граѓаните дека ситуацијата е под контрола и дека државата е една од подобрите во регионот во справувањето со корона вирусот. За жал, Република Македонија не само што добро не се справува со пандемијата, туку едноставно капитулира и секојдневно бележи поразителни бројки на новозаболени и починати граѓани.
Венко Филипче е директниот виновник за лошата здравствена ситуација во Република Македонија, поради тоа што наместо навремено да реагира и да донесува мерки кои ќе бидат од полза на граѓаните, тој се затскриваше зад популистички мерки кои сметаше дека го спасуваат од ден на ден.
Реалноста е дека граѓаните не можат ниту да закажат тестирање, ниту пак да ги добијат навремено резултатите за да можат да реагираат доколку се позитивни на Ковид-19, а ненавременото доставување на резултатите, досега резултираше со 1212 починати лица.
1212 починати лица одат директно на контото на Венко Филипче, поради тоа што како министер не презеде никакви конкретни мерки и чекори за граѓаните да почувствуваат заштита од јавното здравство. Поради несериозноста и лошата организација, Филипче на душа ќе носи 1212 починати граѓани.
Граѓаните се приморани да чекаат и повеќе од 10 денови за тестирање и најмалку уште 7 за да ги добијат резултатите. Замислете, човек кој можеби е позитивен на Ковид-19, не може да добие резултати и да почне третман со лечење, поради лошите услови кои се синоним за неразвиените земји, а за жал ги гледаме и во нашата држава.
Наместо да се зголеми капацитетот на јавното здравство, се со цел подобро справување со пандемијата, Филипче објавуваше хумористични видео клипови со кои ги исмејуваше македонските граѓани.
Граѓаните заслужуваат заштита и силно здравство.
Време е за оставка!