Битката против пандемијата приоритет и за Армијата: Итната медицинска помош од денес  зајакната со воено-санитетски возила

„Здравјето на граѓаните е и наша грижа. Кога државата се наоѓа во критична ситуација, сите мора да бидеме и одговорни и мобилизирани, и да најдеме начин да бидеме од помош”, рече министерката за одбрана Радмила Шекеринска која заедно со министерот за здравство Венко Филипче присуствуваше на денешното предавање на воено санитетски возила во служба на јавното здравство.

Шекеринска додаде дека со одлуката за отстапување на овие пет возила заедно со уште две кои ќе бидат ставени на располагање во внатрешноста на државата значително ќе зајакнат капацитетите на Брзата помош.

-Овие возила се возила коишто ги користи Армијата и сметаме дека во овој момент треба да се насочат кон приоритетот број еден, а тоа е борбата против Ковид и обезбедувањето на поголеми можности на Брзата помош во главниот град каде што се чувствува и најголемиот притисок, додаде Шекеринска.

Министерката упати благодарност до припадниците на Армијата и рече дека треба сите ресурси да се насочат каде што се најпотребни, при што подвлече дека Армијата и досега учествуваше во справувањето со пандемијата и дека и натаму ќе биде на располагање.

Заблагодарувајќи се на поддршката, министерот за здравство Венко Филипче ја истакна важноста од вклученоста на Армијата и помошта што ја испрати НАТО во транспортни вентилатори.

-Од денес имаме на располагање 5 болнички возила и уште 2 кои дополнително ќе се искористат за други градови за транспорт на пациенти. Притисокот кон здравствениот систем е огромен, многу често се наметнува потреба од брз транспорт на пациентите до болничка установа. Во изминатиот период го зголемивме бројот на болнички возила. Оваа помош е драгоцена и ќе биде многу важна, заради тоа што ќе го зголеми бројот на тимови кои ќе бидат на располагање за транспорт на пациенти заедно со транспортните вентилатори кои ги добивме како помош од НАТО, рече министерот Филипче.

На предавањето на санитетските возила присуствуваше и началникот на Генералштабот на Армијата, генералот Васко Ѓурчиновски, како и тим од Воено-медицинскиот центар.

Треба да знаете
Последни објави