Вршителката на должноста претседател на Република Косово, претседателката на косовското Собрание Вјоса Османи ги повика Европската унија и НАТО да реагираат на изјавите на претседателот на Србија Александар Вучиќ, кој ја спореди ситуацијата во Косово со онаа во Нагорно Карабах во Јужен Кавказ, јави дописникот на МИА од Приштина.
Повод за реакцијата на Османи е денешната изјава на Вучиќ дека е потребно што поскоро решение за споровите меѓу Србија и Косово, затоа што, според него, „замрзнатите конфликти можат да ескалираат во вистинска катастрофа”. Српскиот лидер притоа како пример го посочи конфликтот во Нагорно Карабах.
Според в.д. претседателката на Косово, ваквите ставови на Вучиќ претставуваат закана со војна.
– Очекувам од Европската унија и од НАТО да реагираат на оваа закана со војна од страна на Вучиќ, напиша Османи на Твитер, пренесувајќи коментар во кој се вели дека „екс-министерот на (Слободан) Милошевиќ предупредува на конфликт од типот на оној во Нагорно Карабах во Косово ако напорите за компромис прпоаднат”.