– Долгогодишниот спор меѓу Северна Македонија и Грција е решен, а европските лидери му дадоа зелено светло на Скопје за влез во ЕК. Но, пред Северна Македонија постои уште една пречка – Бугарија, наведува Еуроњуз во анализата „Бугарија става кочници за соништата на Северна Македонија за ЕУ. Еве зошто”.
Според Еуроњуз, Бојко Борисов тоа го прави заради неговите внатрешно-политички проблеми. Софија, која моментално зафатена со долготрајни антивладини протести, се противи на започнувањето на разговорите за членство, велејќи дека не е задоволна од „сегашната рамка за преговори”.
Протестите против корупцијата во Бугарија траат повеќе од 100 дена, а демонстрантите бараат оставка од премиерот Бојко Борисов и главниот обвинител Иван Гешев. Тие се обвинети за поврзаност со олигархиската мафија. Борисов, кој одби да поднесе оставка, досега преживеа пет гласања за недоверба во Парламентот.
Непријатна вистина е дека процесот на проширување е привлечна алатка за членките на ЕУ да наметнат политики и промени на нивните соседи кои се надвор од ЕУ.
За Бугарија, процесот на пристапување кон Северна Македонија е начин да извлече отстапки во исклучително деликатен момент за Скопје. Иако повеќето од барањата се нематеријални прашања како идентитетот и историјата, тие ја одрзауваат потребата на бугарската Влада за заземе силна националистичка позиција поради внатрешно политички причини. Особено во време на обвинувањата за корупција, улични протести и економски тешкотии заради пандемијата, пишува Еуроњуз.
Македонски или бугарски?
Во анализата се посочува дека исто како и со Атина, и прашањето на Софија се однесува на името, овојпат на јазикот.
– Бугарското противење на пристапувањето на Северна Македонија има врска со историјата и идентитетот. Особено, Бугарија сака Северна Македонија да признае дека јазикот што го зборува македонското мнозинство во Северна Македонија не е „македонски, туку бугарски – или негов дијалект”, вели за Еуроњуз, Ангелос Хрисогелос, соработник на Програмата за Европа на Четам Хаус, независниот политички институт со седиште во Лондон.
-Тие исто така сакаат Скопје да го признае бугарското потекло на македонската нација и да се откаже од какви било тврдења дека во Бугарија има посебно македонско малцинство, што Софија не го признава бидејќи ги смета сите кои се нарекуваат Македонци како Бугари “, посочува Хрисогелос.
Според Меѓународниот институт за блискоисточни и балкански студии (ИФИМЕС), наведува Еуроњуз, етничките Македонци сочинуваат 10 проценти од населението во Бугарија. ИФИМЕС, исто така, во неодамнешната анализа тврди дека „бугарскиот и македонскиот јазик се два различни јазика за кои во меѓусебната комуникација е потребно толкување/превод, за разлика од на пример, во случајот на српскиот и хрватскиот јазик за кои во јазичната комуникација не се бара толкување/превод.
Имиџот на ЕУ е нарушен на Балканот
Несиполнувањето на ветувањата кон земјите од Западен Балкан го нарушува имиџот на ЕУ и ја компромитира политиката на проширување, посочува Еуроњуз.
Бугарија стана членка на НАТО во 2004 година и се приклучи на ЕУ три години подоцна. Минатата година Брисел оцени дека напредокот на Бугарија во реформата на судството, борбата против корупцијата и справувањето со организираниот криминал оттогаш е „доволен”, но забележа дека има простор за подобрување. Оттогаш Брисел стана построг во однос на прашањата за владеењето на правото, но аналитичарите сепак ја осудуваат бавноста на ЕК да реагира и да казни за неисполнување на обврските.
Комисијата, на пример, „благо ги прекори обидите на владата Софија да ги прекине протестите со сила”, вели Џуди Демпси од истражувачкиот центар Карнеги Европа.
Според неа, деновите на Борисов на власт може да бидат избројани, ако групата на која и припаѓа неговата партија во ЕП – Европската народна партија, се изјасни против него. Но, како што стори и со Виктор Орбан, ЕПП зазема мек пристап и кон Бугарија, вели Демпси.
За Хрисогелос „инцидентот е уште еден сигнал за длабоките компликации што ја прават политиката на проширување на ЕУ – некогаш нејзината најефикасна алатка за надворешна политика – слаб и неефикасен инструмент денес”.
-Тоа покажува дека, како што ЕУ станува сè поголема и поразновидна, станува сè потешко да се воспостават заеднички позиции и норми на нејзината надворешна политика без да биде попречувано од специфични национални агенди. Ова му штети на имиџот на ЕУ во регионот и внесува сомнеж во нејзините ветувања дека проширувањето ќе биде веродостојно за другите земји од Западен Балкан, додава Хрисогелос, во написот на Еуроњуз, насловен „Бугарија става кочници за соништата на Северна Македонија за ЕУ. Еве зошто”.