Средба Битиќи-Јанакакис – Грција ќе ја поддржи Северна Македонија на европскиот пат, со почитување на договорот од Преспа да ја унапредуваме економската соработка

Заменикот на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќиденес оствари средба со амбасадорот на Република Грција, Н.Е. Димитрис Јанакакис, со кого разговараа за тековната економска соработка помеѓу двете соседни земји и проекти со кои дополнително ќе се унапреди соработката. Амбасадорот Јанакакис посочи дека нашата земја може да очекува поддршка од Република Грција во имплементирање на реформите потребни за остварување на евро-интеграциските процеси и нагласи дека во интерес на Грција и на целиот регион е Северна Македонија да биде членка на Европската Унија. Вицепремиерот Битиќи и амбасадорот Јанакакис разговараа и за спроведување на Договорот од Преспа, при што се заложија дека двете страни ќе ги почитуваат обврските кои произлегуваат од Договорот и дека тоа ќе придонесе за унапредување на меѓусебната соработка, особено во економијата, што пак позитивно ќе влијае на животниот стандард на граѓаните. Вицепремиерот констатираше дека Република Грција и Република Северна Македонија континуирано остваруваат солидна економска соработка. Грција со години наназад е во првите пет земји во однос на  нивото на вкупната трговска размена и трета земја според нивото на странски директни инвестиции, што значи дека економските односи се на високо ниво. Реформите кои ќе се спроведат во насока на исполнување на критериуми за членство во ЕУ, како и меѓусебното почитување на обврските од Преспанскиот договор ќе придонесат дополнително да се зајакнат односите помеѓу двете земји и уште повеќе да се засили економската соработка, посочи Битиќи на средбата и додаде дека очекува уште повисоко ниво на трговска размена помеѓу компаниите од двете земји, но и реализација на инвестиции на двете страни.

На состанокот се разговараше и за изградба на интеконективниот гасовод помеѓу Грција и Северна Македонија, со кој ќе се зголеми конкурентноста и сигурноста во снабдување на нашата земја со природен гас, но и ќе се влијае на подобрување на конкурентноста на стопанството генерално во регионот, при што Северна Македонија ќе стане енергетски центар на Балканот, преку кој со гас би се снабдувале и другите соседни држави. Во разговор со Амбасадорот Јанакакис, Вицепремиерот посочи дека Владата во периодот кој следи силно ќе се посвети на дигитализација и поедноставување на процедурите во администрацијата, како и за поддршка на технолошкиот развој на стопанството, и рече дека за тој процес од исклучителна важност ќе биде искуството и знаењето кое го поседуваат институциите од Република Грција.  Северна Македонија е на европскиот пат, а искуствата за намалување на бирократските процедури, зголемување на транспарентноста на трошењето на народните пари, како и начините за сузбивање на корупција, кои ги има Грција, ќе бидат добредојдени во ефикасно и ефективно спроведување на реформите. Вицепремиерот Битиќи и амбасадорот Јанакакис се согласија дека двете земји треба да продолжат да ги одржуваат добрите односи и да работат на унапредување на економската соработка, која е во интерес на сите граѓани во двете земји.

 

Треба да знаете
Последни објави