Интегрален текст на дел од исказот на гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска на Надзорната расправа во Собранието на РСМ во врска со Еуростандард банка.
–Одземањето на дозвола за работа на банка е една од најтешките одлуки за секоја централна банка. Пред да се посегне кон ваква одлука се вложуваат максимални напори за изнаоѓање на поповолно решение. Но, од друга страна, централните банки не смеат да дозволат банка да работи спротивно на законските прописи доведувајки ја во прашање стабилноста на финансиски систем.
По исцрпување на сите можности, дозволата за работа на „Еуростандард банка” беше одземена заради констатирана несолвентност. Поради преземање на повисоко ниво на ризик во работењето, Банката во подолг период беше под засилен супериворски надзор. Постојано изрекувавме супервизорски мерки и го засилувавме интензитетот на супервизорскиот режим. За илустрација: во последните 8 години, изрековме околу 70 дополнителни супервизорски мерки, од кои околу 40 само во последниве 2 години. Со дел од мерките баравме уплата на дополнителен капитал, поаѓајќи од правилото дека поголемиот ризик, бара и поголем капитал за покривање на евентуални загуби.
Банката и сопствениците покажуваа одредена респонзивност на изречените мерки, но за жал не доволна. Со вонтеренското следење, на почетокот на минатата година, супевизорските тимови утврдија повисок износ на неприкажани резервации, што резултираше Банката за првпат да се соочи со поткапитализираност, но не ниво на поткапитализираност кое би било основ за одземање на дозволата. Изрековме мерка План за подобрување на состојбата со кој Банката и нејзините сопственици се обврзаа на:
– признавање на загуби на товар на капиталот или т.н. „чистење” на кредитното портфолио и уште побитно
– паралелна докапитализација заради достигнување и одржување на потребниот капитал.
Веднаш направивме и теренска контрола, со која утврдивме потреба од поголеми резервации и капитал. Во ноември минатата година сопствениците уплатија 10 мил. евра со што ги исполнија минималните законски барања. Доколку не се случеше таа уплата на капитал, Народната банка уште тогаш ќе ја одземеше дозволата за работа. Сопствениците се обврзаа дека ќе продолжат со дополнителни уплати на капитал и во 2020 година. Активностите за „чистење” на портфолиото продолжија, но исполнувањето на обврската за уплатата на потребниот капитал за првата половина од оваа година, целосно изостана.
Во втората половина на јуни, сопствениците, приложувајќи документ, писмено нѐ известија дека имаат потенцијален инвеститор, и побараа да му дадеме време за да направи длабинска анализа врз основа на која би ја донел одлуката за инвестирање. По интензивна, документирана комуникација, на почетокот на август, потенцијалниот инвеститор нѐ извести дека не е подготвен да го обезбеди вкупниот потребен капитал во потребната временска рамка. Притоа, тој исто така не ја достави потребната документација за да може да се оцени дали ги исполнува законските барања за акционер. Во вакви околности, Народната банка, немаше друг избор освен да ја одземе дозволата.