Меѓу компаниите кои биле кредитирани од страна на „Еуростандард Банка” без покритие се и компании во сопственост на бизнис партнерот на Христијан Мицкоски, посочи пратеникот на СДСМ Костадин Костадинов на денешната надзорна расправа во Комисијата за финансирање и Буџет.
-Во едно интервју сопственикот на „Еуростандард Банка” Трифун Костовски, а потоа и на прес-конференција на ВМРО-ДПМНЕ беше истакнато дека бие кредитирани фирми од Струмица, без доволно покритие и дека наводно тие фирми биле блиски со СДСМ. Компаниите „Јанев трејд” „Ведра мини” и „Минка ДА” не се поврзани со власта. Станува збор за компании на партнер на Христијан Мицкоски. „Минка ДА” и другите компании што ги спомнав а коишто без покритие ги има финансирано „Еуростандард” се партнер на Мицкоски во бизнисот со хидроцентралите, заклучи Костадинов.
Овие факти ја откриваат вистината во целиот случај со „Еуростандард Банка“, а се поврзани директно со Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ. СДСМ на својот сајт ја објави одлуката од 2015 година, потпишана од министерот за финансии, Зоран Ставревски, со која на компанијата Минка – Енерготек ДОО Скопје, и се дава градежно земјиште на долготрајно користење кое е во сопственост на државата, и тоа преку непосредна спогодба. Земјиштето е во Пехчево со големина од речиси 30 000 метри квадратни со кое се опфатени 30-тина парцели, а дадено е со намера да се изгради хидроцентрала. Освен одлуката објавена во Службен весник, СДСМ објави и Тековна состојба на фирмата Енерготек каде покрај имињата на Димитар Димовски, Сашо Наумовски, Стефан Трајковски и Трајче Николовски, стои и името на Христијан Мицкоски.
Со овие нови информации случајот добива поинакво светло. Во обид да ја префрли вината на други, Мицкоски ја уверуваше јавноста дека СДСМ стои зад пропаѓањето на банката, но сега фактите упатуваат на одговорност кај други фирми кои се во тесна корелација со самиот Мицкоски. Колку денешните инфомации на пратеникот Костадинов се основа за гонење на поединци, ќе треба да кажат истражните органи. Како и да е, отстранета е маглата што ја сееше Мицкоски за случајот Еуростандард Банка.