Директорот на Светската здравствена организација за Европа, Ханс Клуге денеска престојува во Албанија, каде имаше средба со шефот на државата Илир Мета. На објава на „Фејсбук” Мета напиша дека разговарале за влошената епидемиолшка состојба со Ковид-19 во Албанија, како и неопходноста од поефикасни мерки за следниот период, во функција на заштитата на здравјето на секој граѓанин.
Додава дека ја истакнал потребата од зголемување на буџетот за здравствениот систем, зголемување на бројот на тестови и болничките капацитети, исполнување без понатамошно одложување на потребите на болниците и унифицирање на протоколот за третман дома .
-Повеќе од неопходно е да се надоместат трошоците за лекови и услуги за пациенти со Ковид-19, особено пензионерите и граѓаните од семејства со неповолна социо-економска состојба кои се лекуваат во домашни услови и кои поради недоволно приходи е невозможно да си дозволат високи трошоци,наведува Мета.
Тој и претходно побара од министертвото за здравство и социјална заштита итно масовно зголемување на бројот на тестирањата во едноденоноќие.
Инаку,вчера во Албанија имаше 410 новозаразени со Ковид-19 односно 26.211 до сега, починаа осум пациенти или вкупно 598,додека активни на болеста се 12.039 од нив 373 се хоспитализирани во трите ковид болници.
Дел од здравствените експерти и опозицијата обвинуваат за нетранспарентност во презентирањето на официјалните податоци за бројот на заразени и починати,како и болничките капацитети. Тие наведуваат дека Албанија е последна во Европа по бројот на направени тестови на дневно ниво.