Лазаров: Македонија влегува во критична зона, јавниот долг ќе достигне 65 проценти од БДП

Проектираниот буџетски дефицит е 4,9 проценти, проектираната стапка на економски раст е 4,1 процент, тоа значи дека буџетскиот дефицит ќе биде поголем од растот на економијата и тоа де факто не само што нема да обезбеди фискална консолидација на економијата, напротив ќе предизвика зголемување дополнително на јавниот долг на државата и практично ние ќе влеземе веќе во една критична зона бидејќи јавниот долг може до крајот на 2021 согласно и овие оптимистички проекции да стигне некаде 65 проценти од БДП, вели претседателот на комисија за економија на ВМРО-ДПМНЕ, Дарко Лазаров во вечерашното гостување во емисијата Бизнис поенти на ТВ Алфа.

Лазаров, вели дека од четирите антикризни мерки нема да се искористат повеќе од 450 до 500 милиони евра што е двојно помалку од 1милијарда евра, потенцирајќи дека според ова Македонија има најниска помош за стопанството и граѓаните споредбено со земјите од регионот како и од Европа.

Анализата на помошта на државата во насока на амортизирање на кризата можеме да ја гледаме низ два параметри. Едниот параметар е износот на средства кои што државата ги издвои во овој период и вториот ефикасноста на мерките во амортизирање на кризата и вистинска помош кон приватниот сектор и граѓаните.

Од првиот аспект практично од аспект на висината на износот на средствата кои што ги одвои државата, тие први три пакети од прилика беа димензионирани на 550 милиони евра а видовме во реалноста дека се реализирани некаде не повеќе од 250 милиони евра. Дополнително овој четврти пакет на антикризни мерки е проектиран на 470  милиони евра, меѓутоа до крајот на годината нема да се реализираат повеќе од 200 милиони евра. Што значи дека ако ги собереме односно акумулираме првиот и вториот пакет на антикризни мерки тие нема да достигнат не повеќе од 450 до 500 милиони евра, што е двојно помалку од проектираните средства кои што државата ги најави, а е тоа некаде околу 1 милијарда евра. И дополнително ако гледаме како процент од БДП тоа нема да биде некаде повеќе од 4 до 5 проценти што значи дека Македонија ќе има можеби и најниско ниво на помош кон стопанството споредено со сите земји од регионот и пошироко во Европа, рече Лазаров и додаде:

Од аспект на ефикасноста на мерките, самите компании и приватниот сектор најдобро го сведочат тоа, бидејќи гледате дека голем број на компании навистина се наоѓаат во тешка ситуација, голем број на вработени се отпуштаат, точно дел е поради кризата и државата едноставно не може да ги покрие сите сегменти, меѓутоа  еден значаен дел од оваа состојба е резултата и на неадекватните мерки и политики односно не навремените и недоволни мерки и политики кои што  државата во овој период ги реализираше во рамките на економијата.

 

 

Треба да знаете
Последни објави