Интегрален текст од прес конференција на Стефан Андоновски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ
„Почитувани штедачи и коминтенти на Еуростандард банка, Во време во кое вие, чесните граѓани на Република Македонија, својата тешко заработена заштеда сте сметале дека ви е на безбедно, 29 струмички фирми се богателе на Ваш грб. Овие фирми, кои се директно поврзани со фамилијата Заеви оствариле профит од 13 милиони евра од невраќање на кредити кои ги земале без покритие од Еуростандард банка. Во време во кое вие не можете да врзете крај со крај, фирмата Сара Инжинеринг на Вице Заев, како и Глобал Медиа груп и Тритерол, кои се фирми на бизнис партнерите на Заеви, земале кредити без покритие и од невраќање се стекнале со богатство од 13 милиони евра.
Имате 13 милиони причини за револт, за протест и за барање правда. Во време во кое 40.000 граѓани се без работа, поврзани фирми земале фиктивни кредити без никаква одговорност да ги вратат парите. Овие фирми со месеци наназад не ги плаќале кредитите во Еуростандард банка. Во време во кое власта предводена од Заев има катастрофално ниска реализација на капитални инвестиции и не може да обезбеди одржливост на економијата, пајажината од Еуростандард се протега низ цел струмички регион. Ова е ТАТ на 21виот век. ЕвроТАТ.
И на сето ова ЈО се прави глуво. Глуви се прават и НБРМ, УФР, Управата за Финансиска полиција и УЈП. Не е возможно фирми да земаат кредити, во време кога банката е под надзор од НБРМ без никаква контрола. Тие фирми потоа кредитите не ги враќаат и никој не забележува, никој не реагира. Овде се работи за организиран криминал, каде директно оштетени се клиентите на банката, бидејќи се работи со измама на нивните пари. Зошто се уште се молчи од институциите?
Дали молкот е за да се дозволи фирми блиски до фамилијата на власт да прават милионски профити користејќи туѓи пари? Пари на граѓаните кои мислеле дека заштедите им се на безбедно. Замислете, граѓаните организирано да не ги плаќаат своите обврски. Дали тогаш ќе молчеа обвинителите и извршителите.
Еуростандард банка е оштетена. Банкарскиот сектор е оштетен. Сигурноста во него е под знак прашалник. Но, најболно е што најоштетени се десетина илјади пензионери кои не можат да земат пензија. Оштетени се штедачи во банката за нивните влогови. За овој ЕВРОТАТ има виновник. Името му е Зоран Заев.