Париз го пречекува Помпео, но веќе гледа кон Бајден

Францускиот претседател Емануел Макрон денеска ќе го прими на разговор шефот на американската дипломатија Мајк Помпео, кој сè уште не го признава поразот на Доналд Трамп, но Париз веќе се сврти кон односите со идниот претседател на САД, Џо Бајден. Разговорот треба да биде дискретен, далеку од микрофоните, исто како помеѓу Мајк Помпео и неговиот колега Жан-Ив Ле Дриан, јави дописникот на МИА.

Париз подвлекува дека навистина прифатил да го прими Мајк Помпео на свое барање и „во целосна транспарентност со тимот на новоизбраниот претседател Џо Бајден”, кога француската влада посакува враќање на трансатланските односи со промената на американската администрација.

Емануел Макрон беше меѓу првите што му го честиташе изборот на демократот во САД, а потоа разговараше со него по телефон, иако републиканскиот претседател во заминување сè уште не го признава својот пораз, повеќе од една недела по објавувањето на резултатите.

Самиот Мајк Помпео, пред да полета на турнеја низ Европа и на Блискиот исток, чија прва станица е Париз, одби да ја признае победата на Џо Бајден.

Затоа, според француските медиуми, атмосферата може да биде напната зад затворени врати во париските палати за оваа прва, а веројатно и последна, посета на Мајк Помпео во Париз (освен во друштво на Доналд Трамп). Меѓу двете земји има повеќе прашања по кои се нема ист став.

Жан-Ив Ле Дриан предупреди дека ќе му се спротивстави на Мајк Помпео на забрзувањето на повлекувањето на американските трупи од Авганистан и Ирак, предвидено од Доналд Трамп пред официјалното завршување на неговиот мандат, на 20 јануари.

Иранското досие, кое заедно со климата и трговијата, придонесе за одреден „прекин” на врските помеѓу Вашингтон и Стариот континент веќе четири години, исто така, ќе биде на агендата на разговорите.

Според Стејт департментот, дискусиите ќе се фокусираат и на „трансатлантското единство”, често злоупотребувано за време на ерата на Трамп, како и борбата против тероризмот.

Откако викендот го помина приватно со својата сопруга Сузан Помпео во Париз, за време на нешто што наликува на проштална турнеја, американскиот министер за надворешни работи, изутринава им оддаде почит на жртвите од неодамнешните напади во Франција.

Мајк Помпео потоа ќе лета за Турција, каде што планира да се сретне со патријархот Вартоломеј, духовниот водач на православната црква, но не и со турски официјални лица и покрај бројните спорови со Анкара. Турската дипломатија беше навредена од нејзината желба да го потврди „цврстиот став” на Соединетите држави за верската слобода за време на ова патување.

Државниот секретар ќе ја продолжи турнејата потоа во Грузија, Ерусалим и Заливот.

Треба да знаете
Последни објави