Хелсиншки комитет: Взаемното разбирање и прифаќање меѓу луѓето и заедниците е исклучително важно во овие моменти

Секогаш и секаде мора да се повторува дека толеранцијата е клучна за одржување на мирот и за економскиот и социјалниот напредок на сите луѓе, а тоа особено се однесува на општествата кои се мултиетнички и мултикултурни. Од друга страна, не смее да се игнорира социјалната нееднаквост, дискриминацијата и говорот и делата од омраза, кои произлегуваат токму од нетолерантниот однос кон другите и различните, истакнаа од Хелсиншкиот комитет, по повод Меѓународниот ден на толеранцијата.

Од Комитетот наведоа дека ние живееме во дел од светот кој многупати во минатото се соочил со уништувачките последици на нетолеранцијата и нејзините продукти: омразата и насилството.

– Кризата што годинава го погоди целиот свет е дополнителен повод за да се потстетиме на вредностите кои се клучни за опстанокот на човековиот род. Човештвото е соочено со пандемија која предизвикува страв, неизвесност и ограничувања на правата и слободите на луѓето. Поради тоа, взаемното разбирање и прифаќање меѓу луѓето и заедниците е исклучително важно во овие моменти, нагласија од Хесиншкиот комитет.

Од Комитетот наведоа дека покрај неприкосновеноста на вредностите промовирани од Обединетите нации, нашите општества сè уште не успеале да го истиснат политичкото профитирање од раздорот и општествената поларизација.

– Екстремниот национализам, расизмот, и дискриминацијата по разни основи жилаво опстојуваат и покрај свесноста за штетата и уназадувањето кое тие го предизвикуваат. Помеѓу бројните примери од нашето општество, особено илустративен е примерот со пласманот на македонската фудбалска репрезентација на Европското првенство. Иако успехот е плод на работата и соработката на една мултиетничка екипа, која е вистински пример дека различностите се добитна комбинација, тој сепак беше пропратен со говор на омраза и националистичка хистерија, потенцираа од Хелсиншкиот комитет.

Од Комитетот посочија дека, поттикнати од состојбата, во текот на оваа седмица ќе спроведат симболична кампања на социјалните мрежи, со цел да ја потсетат јавноста на последиците од нетолеранцијата, но и на придобивките од почитувањето на различностите и на универзалните права на луѓето.

Имено, пред 25 години УНЕСКО ја усвои Декларацијата на принципите на толеранција, афирмирајќи ја толеранцијата како почит кон богатството на светски култури и препознавајќи ги универзалните човекови права и фундаменталмните слободи на другите. Оваа Декларација ја опишува толеранцијата не само како морална должност, туку и како политичка и правна обврска за поединците, групите и државите. Со овој документ, 16 ноември беше прогласен како Меѓународен ден на толеранцијата заради јакнење на јавната свест за опасностите од нетолеранцијата и нагласување на потребата од посветеност и акција.

Треба да знаете
Последни објави