Заменикот на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, денес се обрати на 17-то издание на Виенскиот економски форум, кој поради состојбата со пандемијата предизвикана од коронавирусот Ковид 19, оваа година се одржа преку видео конференциска врска. Вицепремиерот Битиќи учествуваше на главната дискусија на форумот, заедно со еврокомесарката задoлжена за иновации, истражувања, култура, образование и млади, Марија Габриел, премиерот на Република Косово, Авдулах Хоти, премиерот на Украина, Денис Шмихал, потпретседателката на Европската инвестициска банка, Лиљана Павлова и членови од бордот на Виенскиот економски форум. Битиќи во своето обраќање се осврна на економските мерки на Владата на Република Северна Македонија за справување со кризата предизвикана од коронавирусот Ковид 19, инвестициската клима во земјата, како и регионалната соработка помеѓу земјите од Западен Балкан.
„Оваа пандемија со која се соочува светот е вистински предизвик, но како и при секој друг предизвик, тоа нè тера да излеземе од нашата удобна зона и да се развиваме со поголема брзина. Фокусирани сме на зачувување на работните места на нашите граѓани и одржување на ликвидноста на компаниите. Мислам дека нашиот главен предизвик, во овој период е да се обидеме да најдеме вистинска рамнотежа помеѓу здравствените и економските мерки. Успеавме да ги одржиме инвестициските процеси за време на оваа криза, но она што мислам дека е од најголема важност е да се погледне подалеку и да се планира по завршување на сегашната состојба во пост-ковид периодот, во кој имаме можност да влијаеме за брз развој и раст“, нагласи вицепремиерот Битиќи. Вицепремиерот посочи дека Владата на Република Северна Македонија го усвои Предлогот на буџет за 2021 година и го достави до Собранието, а основата на буџетското планирање е да се надминат економските предизвици, кои произлегуваат од пандемијата со коронавирусот, како и да се поддржи и унапреди здравствениот систем, но исто така во него се содржани интегрирани компоненти што ќе не поттикнат на следното ниво на развој. Буџетот за 2021 година исто така се планира да има влијание во следните 3-5 години, кои се клучни години за идниот економски раст и развој на земјата.
„Оваа пандемија не соочи со сите прашања што не успеавме да ги решиме и да ги надминеме во минатото. Сега дојде време кога не можеме повеќе да замижуваме пред процесите што треба да се случат за да одиме напред. Процесот на дигитализација, создавање силни синџири на вредности, инвестиции во иновации, како и истражување и развој при решавање на климатските активности преку приватни и јавни инвестиции е она што ќе ја однесе нашата економија на следното ниво. Во меѓувреме, работиме на создавање и на системски решенија што ќе овозможат фер конкуренција на пазарот. Сето ова значи дека сме силно посветени на борбата против корупцијата и сивата економија, како клучни фактори за една просперитетна демократска и развиена земја, кандидат за интеграција во ЕУ. Во предвидениот буџет за следната година имаме планирано 374 милиони евра за капитални инвестиции, што е за 20% повеќе од минатата година, што ја покажува нашата посветеност на развојот и растот. Формираме една „Централна единица за капитални инвестиции”, која ќе ја следи нивната реализација и ќе се осигури дека сите инвестиции во нашата земја се оперативни. Ова е само еден столб од она што го нарекуваме „Центар за испорака”, што е пак дел од големата слика, а тоа е Националниот план за развој. Националниот план за развој, ќе биде прв долгорочен стратешки документ за Северна Македонија, којшто треба да овозможи раст и просперитет за нашите граѓани, но исто така и предвидливост и стабилност за инвестициите во нашата земја”, рече вицепремиерот. Битиќи се осврана и на регионалната економска соработка на земјите од Западен Балкан и потенцираше дека треба да се делува заеднички, за да поефикасно и поефективно се надмине кризата предизвикана од пандемијата и земјите да се вратат на патеките на позитивен економски раст. „Сите сме соочени со предизвик, но како ќе одговориме, тоа ќе биде клучно за тоа како нашите земји и регион ќе одат напред во иднина. Во изминатите месеци, јас често зборувам дека земјите од Западен Балкан треба да ја зајакнат својата соработка, преку дијалог и поврзување за заеднички интерес, треба да создадеме регионален пазар што ќе ја зајакне нашата конкурентност. Регионална конкурентност наместо регионална конкуренција! Така, дозволете ми да ја искористам оваа можност да се осврнам на отвореноста за соработка, дијалог и зајакнување на заедничките интереси, за мене тоа е единствениот начин на кој ќе можеме да го надминеме ова тешко време што е пред нас и да погледнеме заедно во светла иднина за Западен Балкан”, го заврши своето обраќање на главната дискусија на Виенскиот економски форум Вицепремиерот Битиќи.