Станивуковиќ му порача на Додик дека во Бања Лука завршена е ерата на заканувачка политика

Драшко Станивуковиќ, кој освои најмногу гласови на локалните избори за градоначалник на Бања Лука на 15 ноември, на денешната прес-конференција изјави дека му е „жал што владејачката опција сè уште опстојува во понижување на граѓаните и политичките противници“.

На тој начин, Станивуковиќ ја коментирал изјавата на Милорад Додик, претседател на Алијансата на независни социјалдемократи (СНСД), дека ќе ја скрати помошта за градот Бања Лука од буџетот на Владата на Република Српска.

„Таа ера на заканувачка политика заврши во Бања Лука, но сè уште не му е јасно на некого. Затоа ве поканувам да го изберете најдоброто меѓу нас. Потребна ни е професија, знаење и луѓе кои се подготвени и способни за работа“, вели Станивуковиќ.

Милорад Додик, лидерот на СНСД, на прес-конференција во Бања Лука изјави дека нема да иницира смена на новоизбраниот градоначалник на Бања Лука во првата година од неговиот мандат, но исто така најави дека ќе ги стопира инвестициите и финансиските средства кон градот.

„Мислам дека е важно да зборуваме јасно. Тој има свои одговорности и го претставува градот, нека се покаже и работи. Тој вели дека студентите и пензионерите ќе добијат бесплатен градски превоз. Нека предложи, ќе поддржиме, но да видиме како ќе го финансира. Како ќе го финансираат градското греење што го субвенционираме секоја година. Зошто би го сторила тоа Република Српска?“, прашува Додик.

Додик додал дека има и „други општини на кои им е потребна помош“.

„Ќе ги запреме сите инвестиции на ниво на Република Српска. Ќе ги видам сите избирачки места и ќе видам каде добил гласови за да стане градоначалник и нека таму и нека им ги реши проблемите. Ние нема да го правиме тоа веќе. Демократија, што ќе правиш“, вели Додик.

Треба да знаете
Последни објави