Европската комисија го одобри договорот со европската фармацевтска компанија „КјурВак”, што предвидува првично да се купат 225 милиони дози од вакцината за Ковид-19, со можност за испорака на дополнителни 180 милиони дози, кога вакцината ќе биде безбедна и ефикасна.
Претседателот на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави дека ЕК досега обезбедила 1,2 милијарди дози од потенцијалната вакцина против Ковид-19 и нагласи дека механизмот „Ковакс” работи на обезбедувањето вакцини за другите земји со низок и среден приход за да се осигура дека квалитетните и безбедни вакцини брзо ќе бидат достапни до сите.
Договорот со „КјурВак” е петти договор потпишан од Комисијата во име на земјите-членки со фармацевтски компании со цел да се обезбеди широк спектар на вакцини што треба да се произведуваат во Европа. Претходно беа потпишани договори со „АстраЗенека”, „Санофи”, „Јансен фармаси” и „Фајзер”.
Завршени се и прелиминарните разговори за набавка на 160 милиони дози вакцина, што ќе ги произведува компанијата „Модерна”, која досега покажала успех од 94,5 проценти во клиничките испитувања.
Ова разновидно портфолио од вакцини ќе обезбеди Европа да биде добро подготвена за вакцинирање, кога вакцините ќе се покажат безбедни и ефикасни. Земјите-членки, исто така, можат да одлучат да ја донираат вакцината на земји со ниски и средни примања или да ги пренасочат кон други европски земји, наведува Европската комисија.