Американскиот државен секретар Мајк Помпео денеска во Истанбил се сретна со верските поглавари со кои разговараше за верските слободи во Турција и регионот, но иако не е закажана никаква средба со државните функционери, тој кажа дека би сакал да ги убеди да престанат со многу агресивните акции.
Помпео, чија програма за посети предизвика критики од Анкара, утринава во седиштето на Вселенската патријаршија во Цариград се состана со Цариградскиот патријарх Вартоломеј, духовниот поглавар на Православната црква, пред да ја посети блиската џамија Рустем Паша.
Во придружба на сопругате и американскиот амбасадор, Дејвид Сатерфилд, Помпео потоа се состана со апостолскиот нунциј во Турција, Пол Расел.
На средбите, американскиот министер за надворешни работи разговараше за „верските прашања во Турција и регионот” и го потврди „цврстиот став на САД во врска со ова прашање”, што го наведе како врвен приоритет во областа на човековите права.
-Ние сигурно имаме за што да разговараме во однос на верските слободи во Турција, рече Помпео.
Турција во јули доживеа бран критики од христијанскиот свет кога поранешната црква „Света Софија”, која се наоѓа на листата светското културно наследство, ја претвори во џамија, лишувајќи ја од дотогашниот музејски статус.
Анкара вели дека верските слободи во Турција се заштитени и дека САД треба да се погледнат во огледало и да се соочат со расизмот, исламофобијата и злосторствата од омраза во нивната земја.
Стејт Департментот неодамна потврди дека санкциите против Турција се многу реални.