„Недонесувањето одлука на денешниот состанок во Брисел е пораз за идејата на ЕУ, но во исто време е потврдено во изјавата на претседавачот, германскиот министер за европски прашања Михаел Рот дека постојат до декември уште можности и треба да продолжиме во духот на дијалог, а не низ конфликти, да дојдеме до решение”, изјави премиерот Заев вечерва во емисијата „Клик плус” на ТВ 21, одговарајќи на прашањето за денешното вето на Бугарија за успешно затворање на преговарачката рамка на министерскиот состанок на Европската Унија.
-Ние друга алтернатива немаме освен нашиот европски пат, интеграцијата на Република Северна Македонија во ЕУ и ќе продолжиме по тој пат. Треба да продолжиме да правиме напори, во духот на градење пријателство, дијалог, не конфликти. Мене ми паѓа многу тешко, затоа што верувам дека тоа не е желба на бугарскиот народ и на премиерот Борисов. Верувам дека тоа се политики во пресрет на избори, веројатно поттикнати во едно вакво светло, но еве да дадеме шанса и на следните денови кои претстојат пред нас затоа што постојат уште можности”, додаде премиерот Заев.
Тој нагласи дека во вакви ситуации е многу лесно да се удираме во градите, нашата намера е да бидеме рационални и да ги придвижиме работите според очекувањето на нашиот народ, а тоа е да чекориме и понатаму кон ЕУ.