Словенечкиот премиер Јанез Јанша ги поддржа Унгарија и Полска во нивниот конфликт со ЕУ и исто така го осуди механизмот што ги поврзува давањето средства на Унијата со почитување на владеењето на правото.
– Само независно судско тело може да каже што е владеење на правото, а не политичко мнозинство, напиша Јанша во писмото испратено вчера до претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел.
Словенија не им се приклучи на Унгарија и Полска на состанокот на претставниците на ЕУ во понеделникот, кога тие го блокираа усвојувањето на буџетот на ЕУ и планот за реконструкција поради механизмот за условување на финансирањето со почитување на владеењето на правото.
Сепак, ставот на Јанша упатува на тешки преговори на утрешниот виртуелен самит на ЕУ, на кој најверојатно ќе се дискутира за тоа, иако официјално е посветен на борбата против коронавирусот.
Во писмо до шефот на Европскиот совет, Јанша, кој е близок соработник на унгарскиот премиер Виктор Орбан ги осуди „двојните аршини”.
Европските шефови на држави и влади во јули се согласија, по маратонските преговори што траеја четири дена и четири ноќи, околу планот за закрепнување со цел справување со кризата со коронавирусот. Планот предвидува 750 милијарди евра помош кои се надоврзуваат на повеќегодишниот буџет на Унијата од 2021-2027 од над 1.000 милијарди евра.
– Дилемата пред нас е многу едноставна. Почитувањето на јулскиот договор е одговорен пристап за иднината на ЕУ. Непочитувањето не би бил, заклучи Јанша во писмото од четири страници.