И виното се раѓа, има своја младост, зрее, старее и одумира. Вака го започнаа со мене разговорот за МИА, три стручни лица од Здружението на македонски енолози. Елена Богева, Милица Плетварска и Игно Тасев. Разговаравме по повод денешниот Ден на младо вино, кој се одбележува ширум светот.
Љубовта најдобар рецепт за вино
Се интересирав има ли ритуали, верба во моќта на млада месечина, анегдоти или изреки во врска со спиењето на виното во бочвите.
-Доста широк замав во светски рамки зема биодинамичниот начин на производство на грозје и вино, кој вклучува следење и работа строго според правила на природата, млада месечина, ветрови, музика низ целиот процес на производство. Како и да е, производството на вино е начин на разбирање на процесот, начин на живот, сите ние имаме свои верувања, ми рече Плетварска.
Има и такви меѓу на кои се прашуваат дали е подобро да се пие младо или старо вино.
-Постојат сорти на грозје кои имаат потенцијал за производство на вина за стареење, но и такви од кои е најдобро да се произведат нежни, вина за брза консумација. Покрај сортите постојат и реколти кои ни се мешаат во плановите, не секоја реколта е добра за производство на вина за одлежување. Начинот на одгледување на лозовиот насад, приносот, параметрите на грозјето и одлуката за берба исто така имаат влијание, дали виното е подобро да старее, или во него да се ужива додека е сеуште младо.
Енологот земајки ги во предвид сите овие фактори, избира начин на винифицирање со цел да го извлече максимумот од грозјето и соодветно да произведе вино за консумација, како младо, или зрело и доволно стареено вино.
Најважно е консументот да ужива во виното. Постојат вина кои се подобри за консумација млади како што се генерално белите вина, но не се исклучуваат и црвените вина, доколку се произведат со соодветна технологија. Генерално стари добри вина се црвените екстрактни вина „вранец” и „кабернесовињон”, а од белите вина како сорти се издвојуваат „шардоне” и „ризлинг”, појасни Плетварска.
Сакав да знам каде најмногу се греши при правење вино. Која е тајната формула за правење на добро вино?
-Виното е жива материја каде правилата не секогаш успеваме да ги испочитуваме. Виното бара внимание и посветеност, добро вино се прави со многу љубов, тоа е единствениот рецепт, децидидна е Плетварска.
Според Богева и Тасев, всушност, нема лошо вино. -Секое вино е направено со некоја доза на енергија. Затоа има добри и подобри вина, вина кои зависат од лозарот и како е изработено лозјето, за потоа мајсторот – винар да се посвети на својот мајсторлук. Има формула која ја носи секој енолог со себе, потписот кој го остава на своето вино и стилот по кој се препознава. Добрата хигиенска и енолошка пракса, е основата за добар старт, а правецот и стилот ги креира енологот. Се разбира тука мора да се следи трендот на вината кој секоја година е различен, како за бели така и за црвени вина. Последните две години може да кажеме дека тренд се розе вината и тоа е за поздравување, се согласија Богева, Плетварска и Тасев.
Вранецот и винарот во вински сојуз
Задоволство е да се разговара со тројцата докажани енолози. Моето следно прашање беше, се зголемува ли квалитетот на младите вина и кои се најдобри сорти, бели или црвени?
-Ние со оценување започнавме во 2014 година кога е и формирано Здружението на винари, стартувавме со натпреварите за млади вина произведени во домашни услови. Сега со воодушевување можеме да кажеме дека квалитетот на вината е на едно завидно ниво. Тоа е резулатат на нашата заедничка соработка, со тоа што примената на добра енолошка постапка е резултатот кој денес го имаме сите заедно. Со тоа го наметнавме трендот, оценувањето на младите вина да биде лична сатисфакција но и мотивација за винопроизводителите, да се стремат кон подобро и да се корегираат од година во година. Ако до пред неколку години беше незамисливо дека бели вина може да се прават во домашни услови, сега гледаме дека истите тие се натпреваруваат и на меѓународни натпревари со винари кои имаат долгогодишна традиција.
Во последните 3 -4 години тренд е ,,темјаника” и таа е фаворит на сите винарии. Нас ни е многу драго што оваа сорта се врати со својот сјај иако подазборавена долги години, таа полека си го проби патот и си доби свое место во скоро секоја винарија.
Значајно место меѓу тиквешките бутик винарии се повеќе зазема „станушина”, автохтона сорта кон која се пристапува со посебно внимание, со цел да се измајстори нежно розе вино. За црвените вина може да зборуваме со денови, тие секогаш ќе бидат предизвик за млади и пивки вина, или за вина кои треба да одлежат, да бидат барикирани, купажирани со повеќе сорти. „Вранец” го зазема секогаш првото место во број на мостри како и во број на наградени вина на досегашните натпревари. Со тоа може да кажеме дека оваа сорта добро се уиграла со винарот, си се пронашле еден со друг, коментираше Богева.
Жените успешни во винскиот свет
Кои се подобри мајстори на вино, мажите или жените, кои повеќе ги има во винскиот свет, беше следната моја дилема.
– Ова е интересно прашање! Нема машка – женска работа кога се работи за вино, секој си работи на свој начин и си остава свој потпис. Кај нас за разлика од останатиот дел од светот, жените доста успешно се снаоѓаат во целиот вински процес, производство, продажба, маркетинг. Мајстори мажи или жени, не гледам причина за разлика помеѓу нас, која може да е предизвикана од полот. Многу поизразени разлики во стилот на производство се должат на темпераментот на енологот и ориентацијата кон детали, без разлика маж или жена, дециден беше Тасев.
Се надоврза и Богева истакнувајќи дека најдобро е кога се функционира тимски.
-Жените можеби имаат подобар сенс, чувство, подобра хигиенска пракса, попрецизни се, но и поодговорни. Но за разлика од тоа, мажите се тие кои се вклучени во сите процеси од производство на грозје до продажба на вино, затоа најдобро е кога се функционира тимски и се надополнуваат секој со својата умешност, дополни Богева.
Притоа додаде дека иако сите со нетрпение го чекаме денот на младо вино, секој трет четврток во ноември, оваа година за голема жал на сите нас, а најмногу за винарите, младо вино ќе си дегустира секој сам во кругот на семејството и својата винарија.
-Со тоа ќе се одбележи и овој ден на младото вино. Ќе се наздрави со желба за подобри времиња и уште многу дружби со божествена течност, додаде Богева.