Заменик- градоначалникот на Солун, Јоргос Арвалис, за информативниот портал „Вориа”, вели дека во просек, во градот има по шест погреби дневно на лица кои ја загубиле битката со коронавирусот, јави дописничката на МИА од Атина.
Порталот коментира дека бројот на смртни случаи на дневно ниво во Солун е значајно повисок во споредба со првиот бран, а на градските гробишта постои посебен дел со гробни места за оние кои починале од коронавирусот.
-Секојдневно имаме во просек по шест погреби на луѓе кои починале од Ковид. Најмногу имавме осум, а најмалку четири. Побројни се во споредба со март, кога ја одредивме областа и ги отворивме првите 50 гробни места. Во тој период имавме малку починати и не беа секој ден, вели Јоргос Арвалис заменик- градоначалникот на Солун надлежен за деловно планирање, дигитално управување и миграциска политика.
Арвалис додава дека до минатиот четврток биле исполнети околу 50 гробници, а денеска се веќе 83.