„Сакам да кажам дека во Бугарија се пренесуваат и изјавите на Зоран Заев, како градоначалник на Струмица, кој има изјавувано дека понекогаш му пречи тоа што на некои споменици пишува бугарскиот фашистички окупатор. Треба да видиме дали е точно дека во изминатите години имаме 15 до 20 споменици на кои е избришана формулацијата „бугарски“, за да дадеме поттик во духот на Договорот за соработка и да не ја лепиме таа етикета на сите Бугари. Ние Македонците забораваме дека Комунистичката партија која го создаде Антифашистичкото движење, кое ни ја донесе победата, слободата, ни го донесе АСНОМ, од 1934 година од Коминтерната до формирање на првите партизански одреди беше силно помогната од Комунистичката партија на Бугарија. Ние во 2005 година го рехабилитиравме Методија Шаторов Шарло. Рехабилитацијата и Каракачанов ја споменува постојано Во 2005 година ние имаме Закон за обештетување на репресираните од комунистичкиот режим. Во 2006 година кога спикер во парламентот беше Љупчо Јордановски, на предлог на Стојан Андов, имаме Резолуција донесена според Резолуцијата на Советот на Европа, таа е за осуда на неправдите од комунизмот. Таа може да не покрие во тој дел што го споменуваат Бугарите. Или не обвинуваат дека не се грижиме со сито внимание кон нивните гробишта од првата светска војна, кои се споменуваат, на пример во Ново Село. Многу повеќе имаме направено од тоа што го има Бугарија направено, но сме свесни дека тие се дел од клубот, а ние сакаме таму да влеземе, во нерамноправна позиција сме, но нашата упорност и трпеливост мора да се одлика на македонската влада и македонската политика во овој период.“- изјави поранешниот премиер, Владо Бучковски, во вестите на Сител.
Бучковски, кој деновиве престојувал во Софија и имал телевизиски настапи, смета дека проблемите тежат 50 години, и дека причина за ваквиот став на Бугарија не се само претстојните избори.
– За истите овие политичари мислевме дека се наши, за Захариева дека е на наша страна затоа што кога претседаваа они во ЕУ, таа постојано го враќаше на дневен ред прашањето за проширувањето на ЕУ, но сега се сменија работите. Ако се направат подлабоки анализи во изминатата година е поинаку, прво мислевме дека тоа е заради локалните избори во Бугарија, сега мислиме затоа што им се ближат парламентарните избори, но има и наталожено проблеми кои тежат пет децении. И сега они мислат дека треба да ги истестираат овие политичари, медиумите, јавноста, дали сме ние спремни да најдеме заеднички личности кои ќе потврдат дека навистина сме блиски – дополни Бучковски.