Еуроникел Индустри и оваа година, и покрај економската криза во целиот свет, успеа да го одржи речиси на исто ниво и производството, и извозот и бројот на вработени. Тоа е добро за локалната економија, за сите вработени, но и генерално за економијата на Северна Македонија, посебно во ова време на светска ковид криза, истакна вицепремиерот за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи по денешната посета на комбинатот.
Посетата на кавадаречкиот комбинат за фероникел беше во насока на информирање за поддршка на компаниите за полесно справување со последиците во време на пандемија. Во текот на посетата, вицепремиерот Битиќи беше запознаен со тековните процеси во комбинатот, постигнатите производни резултати, како и резултатите од досегашните инвестиции и идните инвестициските планови, а менаџерскиот тим го запозна и со безбедносните протоколи и максималната заштита на вработените при континуирано спроведување на производниот процес.
-Оваа компанија е еден од најголемите работодавачи во Кавадарци и регионот, со околу 1000 вработени лица, која соработува со околу 70-80 транспортни компании од овој регион, ги поседува и сите еколошки дозволи за работа, а е четврта по вредност на извезени производи, со околу 166 милиони евра извоз во 2019 година, и деветта по вредност во остварени приходи во земјата (169,5 милиони евра). Целосно извозно ориентирана компанија, а дополнително е важно што производот кој го извезуваат, тоа е феро-никелот, дава дополнителна, додадена вредност на нашата економија, односно има нето додадена вредност на направениот извоз, рече Битиќи.
Тој при денешната посета на Еуроникел Индустри ја истакна важноста на големите приватни компании во одржувањето на македонската економија.
Директорот на Еуроникел Индустри, Герасим Кујунџиев истакна дека комбинатот успеа и во време на пандемијата да воспостави безбеден и континуиран производен процес што резултираше со зголемено производство и извоз како продолжување на позитивниот тренд од 2019 година.
-Кај нас нема намалување на обемот на работа, ниту кратење на вработени или плати, но секако ова е постигнато со енромни напори на сите засегнати страни, од инвеститорите до работниците. Сепак, предизвиците се големи при што најзначајна и најпотребна е поддршката од институциите и државните органи да излезат пресрет на приватниот сектор со редовно и доследно исполнување на обврските, затоа што нашиот придонес кон домашната економија е значаен во секој поглед, рече директорот.
Тој нагласи дека паралелно со спроведувањето на инвестициските планови и развојот на комбинатот, менаџментот на Еуроникел Индустри подеднакво внимание посветува на вработените создавајќи поволна работна атмосфера, подигнување на стандардот на квалитетот на живот на вработените и професионална перспектива. Истовремено Еуроникел Индустри е поддржувач на локалната заедница преку бројни општествено одговорни активности.