Европската унија не може повторно да ја изневери Северна Македонија, која повеќе пати потврди дека за неа нема алтернатива на патот кон ЕУ и на добрососедските односи со Бугарија, изјави словенечката европратеничка Тања Фајон за белградскиот весник „Данас”.
– Не можеме повторно да ги изневериме. Ние мора да најдеме решение со Бугарија во духот на дијалогот и да ја вратиме нивната доверба во овој процес. Земјите членки имаат уште една можност да одлучат до крајот на годината и да ја отворат вратата на ЕУ за нашите пријатели од Северна Македонија, бидејќи тие тоа го заслужија, вели Фајон, која е претседател на Комитетот за стабилизација и асоцијација на Европскиот парламент.
Според неа, бугарското вето за преговарачката рамка со земјава предизвикало разочарување не само кај „народот на Северна Македонија, чија иднина очигледно е во Европската Унија, туку и кај Европскиот парламент, кој останува силен поддржувач и сојузник на Северна Македонија”.