Бројот на жртви на пандемијата на Ковид-19 во Косово се зголеми на вкупно 885 од појавата на болеста, откако минатото деноноќие починаа 11 од заразените од коронавирусот, јави дописникот на МИА од Приштина.
Според последниот извештај на Националниот институт за јавно здравство на Косово, во минатите 24 часа се регистрирани 855 новозаболени, со што бројката на лица кај кои е откриен вирусот се зголеми на 32.877. Од нив, вклучително вчерашните рекордни 748 излекувани пациенти, болеста досега ја совладале 19.722 лица.
Официјално, согласно наведените податоци, во земјата моментно има 12.220 носители на заразата.
Вчера се извршени 1.930, а вкупно досега 127.722 тестирања со методот РТ-ПЦР.
Жариште на епидемијата е главниот град Приштина, каде што коронавирусот досега е откриен кај повеќе од 12.500 лица.