Пред многу години, после грчкото вето за Македонија, господинот Никола Груевски не извести дека ние внатрешно ќе се европеизираме, дека Европа ќе ја донесеме во Македонија, а не Македонија во Европа и дека ќе градиме соработка со поединечни пријателски земји, затоа што пред се мора да го зачуваме достоинството на народот.
Овој потег на тогашната Влада на чело со Никола Груевски доведе до длабока меѓународна изолација на Македонија, а тоа беше причината и дел од членовите на ВМРО ДПМНЕ да престанат да му веруваат на Никола Груевски и да се бориме за интегрирација на Македонија во ЕУ и НАТО. Денес после толку години, после бугарското вето, еден друг господин со исто име, Никола Димитров, ни го кажува истото што го кажуваше Груевски во 2009 година.
Ние сакаме полноправно членство во ЕУ, а ако вие не сте способни тоа да го испорачате, најдобро е да се тргнете од функциите на кои сте, а работата со европската агенда да ја преземат луѓе кои се способни во неколку денови да го решат бугарското прашање.
Овие патриотски Грујови приказни доволно ни се видени и слушнати, не ги сакаме повторно, само сега истите ни ги продава Владата на СДСМ. Редно е за полна интеграција во ЕУ, сега и веднаш!