Основачот на Спејс-Икс, Илон Маск планира да ја намали цената на туристичкиот лет во Вселената на два милиони американски долари. Тој притоа појасни дека ќе бидат потребни околу 900.000 долари за гориво и уште околу 1,1 милион за дополнителни трошоци за летот.
Првичната цена на билетот изнесува 152 милиони долари. Плановите за намалување на цената се однесуваат на леталата „Старшип”, што можат да соберат околу сто патници, и кои би можеле да се користат неколку пати. Така, според Маск, патувањето во Вселената би било попримамливо и за вселенските агенции, како што е НАСА.
Иако ова звучи како добра идеја и се чини дека постои можност за реализација, сепак, ќе биде потребно претходно да се создадат одредени предуслови. На пример, за да се исполни желбата на Маск за испраќање луѓе на Марс, потребно е да се осигура безбедно патување, како и база каде што луѓето би можеле да останат.
Се разбира, ова се уште е на ниво на една од амбициозните изјави на Маск.
Ексцентричниот бизнисмен и технолошки пронаоѓач често ја информира јавноста за своите планови, кои некогаш се остваруваат, а некогаш – не, коменираат познавачите.